Студија објавена во „ЈАМА нетворк опен“ покажала дека недостигот на сон ја загрозува благосостојбата на децата, дека тие деца се полоши на училиште и имаат намален квалитет на живот. Иако има малку студии за децата со нарушувања на спиењето, истражувачите во оваа студија анализирале што би се случило доколку здравите деца имаат пократок сон.
Децата што биле вклучени биле дел од друга студија наречена ДРИМ (дневен одмор, исхрана и следење на активност).
-Во оваа студија децата беа подложени на наизменични недели на ограничен и продолжен сон. Помеѓу имаше период од една недела. 100 здрави деца без проблеми со спиењето на возраст меѓу 8 и 12 години учествуваа во студијата од 2022 година – забележуваат од „Хелтлајн“.
Влијанието на само еден час помалку сон врз децата
Времето за спиење на децата било променето за да биде или еден час подоцна од вообичаеното (ограничување на спиењето) или еден час порано (продолжување на спиењето). Во двата случаи децата се разбудиле во вообичаеното време. Истражувачите побарале од родителите и децата да го оценат квалитетот на животот на децата поврзан со здравјето користејќи различни прашалници.
Наодите на студијата откриле дека губењето на сонот, дури и за само една недела и само еден час, може да го намали квалитетот на животот на детето. Имало значителни негативни влијанија врз физичката благосостојба на децата, како и врз нивната способност да се справат со училишните обврски.
Многу родители мислат дека е во ред ако нивното дете оди в кревет подоцна, можеби ако тие се зафатени со домашни задачи или со гледање филм, или што и да е. Сепак, сонот на детето треба да се сфати сериозно и треба да се има фиксен распоред за спиење.
Добриот или лошиот квалитет на сон може да влијае врз сите други аспекти од животот на вашето дете – колку јаде, дали е енергично, дали игра, дали е внимателно за време на часовите дали има доволно желба за дружење.
Како да им помогнете на децата да спијат подобро
Важно е вашето дете да спие доволно секоја вечер, во зависност од неговата возраст. Тоа треба да има одредено време за легнување и будење. Една од најважните работи за добра хигиена на сонот овие денови е да се исклучите од сите екрани и уреди. Изложеноста на сина светлина од екраните во текот на ноќта може да го наруши сонот на детето, бидејќи испраќа сигнал до мозокот дека е време да се разбуди.
912