Децата веќе се вратија во училишните клупи, а кај родителите сигурно се јавува импулсот да им надоместат за сето она што го пропуштиле во изминатиот период, без разлика дали се работи за часови и учење, спорт, дружења и слично. Сепак, пред да почнете да го запишувате вашето дете на сѐ и сешто, многу е важно да се сетите дека изминатите речиси две години беа навистина тешки за нив. Многу деца имаат потреба постепено да се приспособуваат на училницата, како и да се справуваат со неизвесноста на целокупната ситуација.

– Оваа учебна година е заснована на градење флексибилност за вашето семејство и вашето дете. Немојте да ги пренатрупате децата со активности во следниот период – вели Боб Канингам, виш советник и еден од основачките експерти на непрофитната организација „Андерстуд“, која обезбедува ресурси и насоки за семејствата чии деца размислуваат и учат различно.

Транзицијата треба да биде постепена

Децата и наставниците ќе бидат под голем притисок бидејќи толку промени за краток период е стресно искуство за сите. Важно е децата постепено да се враќаат во нормала, постепено да изградат соодветна рутина и регуларен распоред. Тука спаѓаат, се разбира, и навиките за соодветно спиење и хранење, за целосно да транзитираат во фазата на следење регуларна настава. Важно е викендите да им бидат порелаксирани или да се посветат повеќе на слободна игра по училишните часови.

Без многу стрес врз децата

Како родители, важно е да не им долеваме дополнителен стрес на децата, без разлика дали е во форма на очекувања за училишниот успех или сугестии за воннаставни активности, бидејќи децата во моментов се соочуваат со голем предизвик.

– Позагрижен сум за нивото на стрес и анксиозност кај возрасните отколку кај децата. Децата се отпорни, но реагираат на многу чувствителен начин на стресот од возрасните кои ги опкружуваат. Ако сте збунети, анксиозни, ако кревате паника, детето ќе реагира негативно на сето тоа. Сигурно ќе има малку мачење со домашните задачи на почетокот, а тоа е нормално, со оглед на околностите. Добрата вест е дека децата ќе се навикнат на претходниот распоред и начин на работење, само ќе им треба малку време. Дури и да имале некои активности претходно кои ги правеле надвор од наставата, сега можеби е подобро самите да одлучат дали во моментов може да се справат и со тоа вели – Канингам.

Структурата е добра за децата

Генерално зборувано, на децата им одговара структура. За време на периодот пред пандемијата структурата беше неопходна за спроведување на училишните активности, за социјализација на децата и развитокот на различни вештини и интереси. Ако се во доволна количина, без претерување, тие активности ќе им помогнат на децата да развијат самодоверба и да се спознаат себеси во однос на тоа што им се допаѓа. Но, со оглед на турбуленциите од изминатиот период, детето ќе треба да посвети време за повторно да се навикне на утврдена структура, а тоа треба да ви биде приоритет.

Не брзајте со целосен исполнет распоред

Првите неколку месеци ќе бидат стресни, па не му наметнувајте исполнет и зафатен распоред на детето. Почекајте неколку месеци детето да се навикне, па потоа разговарајте за неговите интереси и активностите што го интересираат. Потребно е распоредот на детето да биде флексибилен, па ако детето се мачи малку повеќе со домашната задача и му треба повеќе време, оставете го да посвети повеќе време на тоа. Ако има проблем со концентрација, разговарајте со наставникот или со стручно лице за проблемот.

Знаци дека вашето дете е вознемирено

Фрустрацијата е нормална емоција, особено кога детето повторно треба да се приспособи на одење на училиште. Сепак, ако забележите дека детето е вознемирено, нема интерес за нормалните активности или почнува да покажува остро себекритикување, тогаш тоа е аларм кој индицира дека детето има мака и потребна му е дополнителна поддршка.

– Родителите треба отворено да комуницираат со своите деца, во спротивно тие може да ги потиснат своите искрени чувства, што може да се манифестира како штетна форма за справување – смета Џејми Бенет, лиценциран социјален работник.

Автор: Рејчел Фербенк

Извор



912

X