Мариса Пирс го родила синот Чарлс во јули годинава. Кога била во болница, нејзиниот партнер ја снимал додека ја пишувала пораката за својот шеф. Објавила видео со опис: „Буквално сум на породување и се премислувам околу пораката што му ја испраќам на мојот шеф. Породувањето е стресно, но ова е уште постресно“, додала таа.
Во видеото се гледа како Мариса лежи на кревет со својот мобилен в рака и ја чита пораката што планира да ја испрати. „Раѓам. Само што сум примена во болница – смајли. Би било во ред мојата мајка или мојот брат да ја земат мојата плата утре – прашалник“, прочитала таа. Потоа го прашала својот партнер дали тоа звучи во ред. „Совршено“, одговара тој.
Илјадници луѓе коментирале на нејзиното видео, кое е прегледано над 5 милиони пати. Огромен број од нив тврдат дека тоа е „најамериканското“ видео што го погледнале во животот.
„Кажете ми дека работите во САД, без да ми кажете дека работите во САД“, напишал еден корисник, а друг додал: „Ова е болно американски“. САД се единствената богата нација на светот без загарантирано платено родителско/породилно отсуство за родителите. Кон крајот на октомври претседателот Бајден го отфрлил платеното семејно отсуство од законот за социјална потрошувачка од 1,75 милиони долари, кој Претставничкиот дом го усвои минатиот месец.
Други замислувале како шефот на Мариса одговорил на веста дека ја пропушта работата поради породувањето. „Ве молиме да дојдете со лекарска напомена следниот ден, бебето нема да се смета бидејќи ни треба на хартија“, шеговито коментирал некој корисник. „Разбирам, но следниот пат немојте да нѐ известите во последен момент“, се пошегувал друг. Трет додал: „Можеби следниот пат можете да почекате до крајот на смената за да го родите детето? Би било подобро за сите.“
„Премногу размислував за оваа порака упатена кон шефот главно затоа што имам тегоба. Бев на една недела и пол пред терминот, така што малку подранив како за прво дете и никој не очекуваше дека веќе ќе се породам“, рекла таа. Ниту Мариса ниту нејзиниот партнер не добиле породилно отсуство, а тој отишол на работа за помалку од 24 часа откако го донеле дома својот син. „Повеќето жени што ги познавам работеле додека не се породиле, како и јас. Знам жени кои се вратиле на работа по само неколку недели откако родиле дете“, рекла Мариса.
Иако е исклучително разочарана од недостигот на породилно отсуство во САД, додала дека е благодарна што нејзиниот шеф и соработниците биле подготвени да ја покријат нејзината смена додека била на породување.
Автор: Ерика Темпеста