Како што породувањата дома стануваат сѐ попопуларни, ги истражуваме предностите и ризиците од раѓањето дома во споредба со раѓањето во болница.

Од 2019 до 2020 година бројот на домашни породувања во САД се зголемил за 20,2 отсто, а од 2020 до 2021 година за уште 12 отсто. До крајот на 2021 година околу 1,41 отсто од сите породувања во САД се случиле дома.

Сепак, не сите искуства со породувања дома се позитивни. Колку е безбедно породувањето дома и како мајката и бебето можат да бидат безбедни?

Зошто да се избере породување дома?

Родителите можат да изберат породување дома од различни причини, според Танја Лопез, сертифицирана медицинска сестра-бабица. Породувањето дома вклучува чувство на сигурност, обид да се избегнат инфекции што можат да се појават во болничка средина и општата удобност на раѓањето дома, што според Лопез може да помогне за природниот напредок на бебето.

Освен тоа, некои трудници сакаат да избегнат медицински интервенции. Голем дел од мајките тоа го прават поради финансиските трошоци, па така породувањето дома може да биде многу поевтина варијанта во споредба со породувањето во болница.

Порастот на породувањата дома се случи затоа што многу луѓе ја изгубија довербата во медицинскиот систем поради негативни искуства. Фејт Охуба, докторка по медицина и гинеколог во болницата „Меморијал Херман нортист“, вели дека среќава многу пациенти кои не веруваат во медицинскиот систем поради лошата комуникација помеѓу пациентот и лекарот.

Ризици при породување дома

Иако породувањето дома нуди многу предности, тоа не е без ризици и може да стане опасно ако се појават компликации. Доколку мајката развие компликации како прееклампсија, еклампсија, крвавење или инфекција, Лопез објаснува дека и мајката и детето треба да одат на болница.

Понекогаш овие компликации може да се предвидат и жените можат да планираат породување во болница во раната фаза на бременоста, додава таа. Сепак, компликациите може да се појават неочекувано во секој момент, а се губи време додека се транспортираат до болница за повисоко ниво на грижа. Ризикот од потреба за транспортирање во болница изнесува 23-37 отсто за жени што раѓаат првпат, а 4-9 отсто за оние што веќе се породиле еднаш.

Исто така, жените немаат пристап до епидурална анестезија за олеснување на болката за време на породувањето дома, додава Лопез, што е главна причина зошто многу жени избираат да се породат во болница.

Меѓутоа, постојат и други методи за олеснување на болката, како што се потопување во вода и движење.

Кој е добар кандидат за породување дома, а кој не?

Даугерти вели дека породувањето дома е добар избор за жена која има бременост без компликации, која носи само едно дете, чие дете е во правилна (главата надолу) позиција и која никогаш немала царски рез.

За жена со поголеми медицински проблеми, како што се висок крвен притисок или дијабетес, веројатно би било подобро да се породи во болница.

Донесување одлука

При донесувањето на одлуката важно е да си ги поставите следниве прашања:

– Дали имам бременост со висок или со низок ризик?
-Дали мојата состојба ги задоволува критериумите за породување дома?
-Дали го разбирам тимот кој ме опкружува и неговите квалификации?
-Дали имам јасен план за транспортирање во болница, ако тоа биде потребно?

За породувањето да биде побезбедно, побарајте квалификувана бабица која ќе ви овозможи редовна пренатална нега.

Исто така, за време на породувањето треба да присуствува барем една квалификувана медицинска сестра или друга обучена личност одговорна за нега на детето.

Извор



912

X