Воспитување

Пораснав со лута мајка, многу ја сакам, но не сакам да бидам како неа

Јас сум едно од милионите деца што пораснале со лута мајка. Од викање по мене што сум го истурила млекото за време на појадокот, до удирање по задникот што „дрско сум одговорила“ и повлекување за раката толку силно што ми остануваа модринки.

Не можам да кажам дека била насилник. Таа беше само лута мајка. Лута на ситуацијата во која се нашла. Цел ден на работа, дома ја чекаат обврски, деца кои се будат навечер, а помош не доаѓа од никаде.

Лута на тоа во што се претворил нејзиниот живот

И ме повреди. И тешко ми беше. И поради сето ова, голем дел од моите детски и тинејџерски денови беа обоени со негативност, ниска самодоверба или едноставно гнев што го изразував надвор од домот.

Затоа што не ми дозволи да влезам дома.

А денес? Верувале или не, денес ја разбирам. Ја разбирам 100%. Затоа што и јас имам деца. Деца кои не спијат, деца кои не јадат, деца кои не слушаат кога треба да послушаат првиот пат. И бидејќи сум осамена, поголемиот дел од денот. И затоа што, осудете ме сега, но затоа што мајчинството е ТЕШКО. Тешко е секогаш да останеме весели, радосни, позитивни, полни со разбирање за децата, кои, ако сме искрени, го заслужуваат тоа.

Штом ќе започне лутината, тешко е да се запре. Многу е полесно да ѝ се препуштите, да дозволите гневот да се излее од вас. Веќе неколку пати доживеав тој гнев да излезе од мене и да го наплати својот данок кај моите деца.

Но, не дозволувам повеќе. Не ветувам дека ќе успеам секојпат. Но, ветувам дека ќе ја вложам сета моја ментална сила за да функционира. Затоа што некогаш и јас бев тоа дете. Јас го искусував тоа. И не сакам моите деца да живеат така. Ниту едно дете на светот не го заслужува тоа.

Мајка ми беше добра мајка. Ни подготвуваше здрави оброци, речиси секој ден нѐ носеше на тренинзи и во парк. Таа знаеше што сакаме и се трудеше да ни го дозволи тоа. Ни читаше приказни, ги пречекуваше нашите другари и навистина добро се грижеше за нас. Од моето детство имам и прекрасни спомени како моментите кога двете се смеевме заедно, пиевме топло чоколадо, склопувавме сложувалка, игравме карти. Се чувствував сакано. Искрено и длабоко.
Но, најчесто таа беше лута и дозволуваше тој гнев да ја обземе. Не се бореше.

И не ја обвинувам, ѝ простувам. Ја сакам без разлика на сѐ – до небо и назад. Но, не сакам да бидам како неа.

Лесно е да дозволите гневот да ве надвладее. Во тие моменти кога викате, вие чувствувате некакво олеснување. Но, тоа значи само едно, мајки. Дека ни треба помош. Тој гнев не можеме да го задржиме во себе бидејќи ни тоа не е решение. Се акумулира, па порано или подоцна избива на површина, а семејството страда. Мора да побараме помош. Од родителите, од сопругот, од пријателите. Од експертите.

Не живејте во тој гнев, не дозволувајте и вашите деца да живеат во него.

Вашето дете ја заслужува најдобрата верзија на мајка.
И што и да е потребно за да ја добиете таа верзија, вреди. Ако децата треба да останат час или два повеќе во градинка, вреди. Ако треба да одите некаде два-три дена без нив, вреди. Ако треба да разговарате со вашата пријателка по еден час дневно, или да гледате серија која ве опушта, вреди.

Вистина е дека немаме сите можност за услуги од баби и дедовци, или можност едноставно да исчезнеме цел викенд. Но, можеме да најдеме мали нешта кои ќе ни го разубават денот.

Пораснав со лута мајка. И одбивам да дозволам моите деца да растат на тој начин. Не дозволувајте ни вие.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top