Игротека

Порано бев дадилка и им должам извинување на сите мајки за кои работев

Им должам извинување на сите мајки.

Пред да имам деца, работев како дадилка. Пораснав со бебиња во моето семејство, бев една од најдобрите дадилки во мојата околина и бев одлична во тоа што го работев. Посетував часови за родителство и го вметнував моето јужно воспитување во секое дете што го чував. Готвев, чистев, дисциплинирав без да ја изгубам трпеливоста, правев различни активности за децата наместо да гледаат телевизијата. Бев одлична. Едвај го чекав денот да се омажам и да основам семејство. Знаев дека ќе бидам одлична во улогата на мајка и сопруга. Чиниите секогаш ќе бидат чисти, нема да има валкани алишта во мојот дом, децата нема да седат пред екран и би јаделе само органска храна.

Еден куп глупости. Како што веројатно претпоставувате, мајчинството веднаш ме исфрли од колосек право во купот валкани алишта, а моите деца ми седеа на лицето со нивните мали „ајфони“. Сè се лепи, никој не слуша, моето трпение одамна умре кога ја изгубив душата обидувајќи се да ги исперам алиштата додека вечерата гореше. Мојот сопруг е среќен човек кој обично јаде сендвичи за вечера што сам си ги приготвува додека јас плачам со шише вино.

Затоа, до сите мајки на кои им давав совети додека бев млада, мислејќи дека знам сè, извинете. Никогаш не ве осудував, сакав да ви бидам од помош, но сметав дека валканата куќа е поврзана со личноста на еден човек. Не сите ние чувствуваме потреба да чистиме со правосмукалката секое утро, и тоа е во ред.

Искрено не знаев дека се будите во зорите обидувајќи се да приготвите појадок додека вашето дете плаче бидејќи чорапите се црвени, а не жолти.

Не знаев дека вашите алишта „живеат“ во машината за сушење три дена откако вашето дете открило како да ја отклучи заклучената врата од тоалетот и фрлило сè што можело во веце-школката уште пред да го испиете првото кафе.

Не знаев дека сте направиле замрзната пица за вечера затоа што не сте стигнале и едноставно се обидувавте да му угодите на секој.

Не знаев за вината што ја чувствувате додека децата се пред екран, затоа што ви се потребни пет минути во кои никој нема да зборува.

Не знаев дека во шест часот навечер вие ставате шминка првпат тој ден за да изгледате убаво за сопругот, пред да дојде дома. Неговите алишта сè уште се валкани, му давате замрзната пица за вечера и се чувствувате како најлошата сопруга на светот. Можеби шминката ќе маскира како се чувствувате.

Навистина ми е жал. Едноставно не знаев.

Мајчинството е прекрасно. Обожавам гушкање, обожавам одење во парк како семејство, а Божиќ повторно станува магичен кога имате деца, но никогаш нема да ја знаете другата страна на родителството сè додека не станете родител. Тоа е најдоброто чувство на светот, навистина е, но нешто толку вредно никогаш не е лесно.

Бидете љубезни со жената чие дете вреска во маркет. Не знаете колку тешко се обидува да го контролира нејзиното дете, а и солзите што ѝ ги печат очите.

Додека сте во редицата, оставете ја жената со новороденче да оди пред вас. Нејзините хормони беснеат, нејзиното тело е болно, а сепак таа мора да го одржува домаќинството. Тие пет минути плус што ѝ ги давате ќе ѝ направат голема разлика.

Запомнете дека без оглед дали сте родител или не, не ги знаете сите работи. Секое семејство учи што е најдобро за него и за децата. Во ред е ако тоа се различни работи за секое семејство. Затоа, вратете си ги советите за родители во вашата уста и оставете ги таму, освен ако некој не ви ги побара.

Бидете љубезни, милостиви, никогаш не доаѓајте на врата без кафе.

Автор: Ешли Бивер

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top