Многупати ми кажале дека сум разгален и безобразен, и тоа во моменти кога мајка ми се обидувала да ми помогне. Илјадници пати сум ги слушнал како ѝ кажуваат дека треба да ме истепа. Таа не го правеше тоа. Потоа плачеше и ми се извинуваше.
Мајка ми најдобро знае.
Таа знае дека не сум груб, туку дека моите сетила се вкрстени и специјално комбинирани. Понекогаш се чувствувам како да имам 105, а не пет сетила. Мајка ми ме штити, но не може секогаш да ме заштити. Ми пречат шумови и сето преостанато од надворешната средина. Кога ќе ја видам тагата на нејзиното лице, која се појавува само кога други луѓе се околу неа, ми доаѓа да им кажам: „Сакајте ја мајка ми! Јас не сум манипулатор! Не знам ни што е тоа!“
Понекогаш ми пречи сонцето што сјае во мојата училница, и тоа на мојата маса. Таа тогаш се обидува да го спречи. Мајка ми е поголема од сонцето. Мајка ми е и храбра. Намерно понекогаш ме носи на некој настан полн со звуци и го поднесува моето однесување. Ме учи да го прифатам како и другите. И тогаш се појавува некој за да ѝ каже нешто. Таа никогаш не плаче пред тие луѓе, плаче потоа во автомобилот. Посакувам да плачеше пред нив! Тогаш би разбрале што ѝ прават. Тие луѓе се безобразни!
Но, не се сите такви. Неодамна мајка ми ме одведе на роденденската забава на мојот град. Имаше милион луѓе и метеж околу тортата. Многу плачев. Другите не плачеа. Тогаш една жена ѝ пријде на мајка ми и ѝ даде торта. Потоа уште една жена ѝ даде едно парче торта, и тоа го зеде од нејзиното дете за да ми го даде мене. Јас не сум разгален. Дојдов само да ја видам роденденската торта и тоа е сѐ. Мајка ми беше среќна поради тие две жени. Немаше лажица, па и поради тоа почувствував лутина. Мајка ми ме хранеше со своите раце.
Јас сум дете со 105 сетила и така гледајте ме. Ме боли нешто за кое вие не ни знаете дека постои. Помогнете ми мене, а и на мајка ми, како тие две жени во паркот!

Навикнат сум луѓето да ме гледаат.
Но, мајка ми не е.
Секојпат кога ќе го направите тоа и ќе ѝ кажете дека сум разгален, безобразен и мрзелив и дека треба да ме тепа, забодувате голем нож во нејзиното срце! Таа ви се насмевнува. Лаже! Лаже! Лаже!
Потоа седнува во автомобилот и плаче или доаѓа дома и плаче зад затворени врати.
Тогаш таа има 105 сетила!
Сите рани ѝ се отвораат.
Уважете го моето барање!
Научете ја вистината за мајка ми и за мене.
Автор: Едина Хелдиќ Смаилагиќ