Воспитување

Порака до мајката што мисли дека нејзиниот тинејџер никогаш нема да го надмине нерасположението

Мислам дека мојот најстар син со месеци не ми кажуваше целосна реченица кога наполни 14 години. Доаѓаше дома од училиште изнервиран. И можев да видам цела аура од лутина околу него, а што и да кажев или направев, за него беше навредливо. Од љубезно дете, тој стана личност што не зборуваше со никого. Семејните излегувања беа тортура за него, па тој се обидуваше со неговото нерасположение да им ги уништи на сите. Да се каже дека беше движечки мрачен облак, би било потценување. Тој едноставно го онерасположуваше своето семејство.

Се обидов со сè што можев – го носев на терапија, му ја купував омилената храна. Но, поентата е дека тој сакаше да биде тажен и намуртен и со променливо расположение. Сакаше да остане во неговата соба во својот дуксер дури и на високи температури. Гледајќи наназад, мислам дека му требаше да биде таков. И му требаше да биде слободен да ги почувствува сите работи што произлегуваа од пубертетот без мајка му да се преправа дека е една од навивачките во „Сабота во живо“. Го знам ова сега бидејќи имам и други деца кои се однесуваат на истиот начин. Сè додека тој не почна да ја надминува таа фаза, моето второ дете стана темпераментна верзија од сопствената слатка верзија. Наместо да бара фустанчиња како порано, почна да ми се спротивставува. Знаев што следува бидејќи поминав низ тоа со нејзиниот брат. Сепак, направив нешто различно со неа: ја оставив. Не се обидував да ѝ кажувам дека мора да биде среќна. Не ја потсетував секој ден колку се променила и колку посакувам да разговара со мене и помалку време да поминува во собата.

Бев ментално исцрпена од обидите да го повлечам нејзиниот брат од „мракот“. Но, уште поважно, сфатив дека претходните начини не функционираат. Колку повеќе ги практикував тие начини со синот, толку помрачен и понерасположен беше тој. Сега, моето најмладо дете е на средината од своите 14 години, па е исто така нерасположено дете, но знаете што? Нека биде така, бидејќи оваа мајка знае како да игра сега. Не велам дека се залагам за непочитување, или дека ги третирам како да им е дозволено да прават што сакаат. Но, ви велам, како родител на родител, ако имате нерасположен тинејџер кој ви го превртува светот наопаку, верувајте, знам колку е тешко и фрустрирачко. Всушност, имало многу пати кога сум сакала да побегнам од децата како што стануваа постари. Непроспиени ноќи и изливи на бес се ништо во однос на тинејџер кој сè уште си го бара сопствениот пат. Моја пријателка се жалеше за својата ќерка тинејџерка која била во константно нерасположение и ме праша: „Зошто е таква? Колку ќе трае ова?“ Не сум експерт, но, важно е како родител да утврдите дали тоа однесување е нормална, хормонална фаза или пак детето е депримирано и му треба терапија – на две од моите деца им требаше.

Сепак, тоа не значи дека децата автоматски се враќаат на старите верзии од себеси или дека ќе ги направите посреќни. Многу тинејџери поминуваат низ ваква фаза. Оставете ги. Не обидувајте се да им наметнете нешто што вас ќе ве усреќи. Колку повеќе им вршев притисок на децата, толку повеќе ги оддалечував од себе, колку повеќе сакав да ги усреќам, толку повеќе не успевав. Оставете ги да одат во својата соба и да имаат простор. Сакајте ги без да им предизвикувате чувство дека сакате да бидат различни. Исповедајте им се на пријателите или партнерот за тоа, без децата да ве слушаат. И најважно, знајте дека тие ќе го надминат тоа. Само треба да ги оставиме да располагаат со сопственото време на нивен начин. Верувајте ми, мојот најстар син сега сака повторно да се дружи со мене и многу ми помага околу домашните обврски. Не се ни сеќавам многу на неговата фаза од пред 3 или 4 години. Мојата ќерка ми е пријателче исто така и иако не сака да се облекува исто како порано, поминуваме многу време гледајќи видеа на „Тик-Ток“ и серии, па сум сигурна дека повторно сум кул мајка.

Што се однесува до моето најмладо дете, тој сега има 14 години и мисли дека сè што правам и зборувам е погрешно. Буквално го гледам само неколку часа неделно бидејќи се повлекува во својата соба поголем дел од времето. Но, знам дека и тој ќе биде во ред, па немам проблем да му го дадам просторот кој му е потребен. Ќе ми се врати за година-две. И бидејќи ова сум го поминала и порано, знам дека ќе биде вредно да се почека.

Автор: Дајана Парк

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top