На детето воопшто не му е лесно да се навикне да оди во градинка, а на повеќето од нив најтешка им е разделбата од мајката, што е сосема нормално. Подоцна, кога малечкото ќе се навикне на градинката и на новата средина, повторно има денови кога не се чувствува добро, плаче, сака да остане дома…

Иако не постои лесен начин да се разделите со дете што плаче, детскиот психолог Аманда Ејбел верува дека има една грешка што ја прават родителите што ја отежнува таа привремена разделба.

Грешка која го продлабочува стравот

Детскиот психолог Ејбел открива четири работи кои родителите ги прават погрешно кога ги оставаат децата во градинка или училиште, но една ја издвојува како најлоша бидејќи го продлабочува стравот кај најмалите – тоа е излегување од собата без да се збогуваат со детето.

-Тоа е веројатно најголемата грешка што создава вознемиреност кај децата. Многу деца почнуваат да одат во градинка кога стравот од одвојувањето од мајката е на врвот, па затоа престојот во градинка може да биде емотивно искуство за родителите и детето. Колку и да изгледа како помалку болна опција, никогаш не излегувајте од собата без да му кажете збогум на детето – советува таа.

Еве ги нејзините совети како најдобро да го оставите вашето дете во градинка:

-Предајте му го вашето дете на воспитувачот.

-Кажете му „чао“ на детето и кажете му дека ќе го земете подоцна.

-Да, многу деца ќе бидат вознемирени и ќе плачат во тој момент.

-Повеќето од нив се сосема добро по пет минути бидејќи има многу забавни работи што треба да се прават во градинка за да се задржи нивното внимание.

-Никогаш не лажете го детето, туку понудете му реални очекувања – на пример, ако тој ден не го земате вие детето, туку некој друг член од семејството, кажете му на малечкото однапред за да биде психички подготвено за тоа.

Имајте на ум дека промената никогаш не е лесна, дури ни за возрасните, па особено за децата, но со текот на времето станува полесна. Сите ќе се навикнат на новата рутина, но подготовката е клучна, смета детскиот психолог Ејбел, која ги советува родителите да го подготват своето дете што е можно повеќе за она што следува, за да има помалку солзи и незадоволство.

-Објаснете му каде ќе го поминува времето, тоа може да биде многу важен чекор во прифаќањето на новата средина – вели таа и додава дека може да помогне, во договор со вработените во градинката, ако детето се запознае самото со новата средина пред првиот ден.

Автор: Наташа Златковиќ

Извор



912

X