Во современото семејство луѓето имаат сè помалку време еден за друг, што доведува до оддалеченост, недостиг на блискост и разбирање.

Намалете ги амбициите и поставете реални цели

Амбициозните родители често го занемаруваат детството на своите деца, кои уште од мали нозе живеат под стрес. Децата, под таков притисок, од желба да им угодат на родителите, си поставуваат превисоки цели и стануваат многу самокритични. Сето ова може да има многу сериозни последици врз психата, растот и развојот на децата, како што вели невропсихијатарот Саша Димиќ.

Каде водат очекувањата на амбициозните родители?

„За жал, некои деца рано престануваат да бидат деца, најчесто поради влијанието на амбициозните родители, кои иако на своето дете му посакуваат сè најдобро, честопати се проектираат во него без да го сфатат тоа. Тие генерално имаат нереален поглед на детето, неговите амбиции и очекувања. Таквите родители обично сакаат нивното дете да продолжи таму каде што застанале тие самите, или пак да ги надмине“ – вели Димиќ.

„По десет години детето е доволно возрасно за да ја преземе одговорноста во свои раце, но некои родители грешат и го третираат како засекогаш да ќе остане мало. Амбициозните родители прават поголема штета преку нереално гледање на капацитетот на детето и преку поставување прекумерни цели, а со тоа и го загрозуваат во исто време. Детето треба да избере цел што ќе биде во согласност со неговите можности, а доколку таа цел се надмине, неминовно ќе се појават проблеми“ – забележува д-р Димиќ.

Тажни и несреќни деца

Депресијата може да се појави кај децата на која било возраст, а една од причините за оваа состојба може да бидат преголемите очекувања на родителите.

„Доколку не се постигнат поставените резултати, децата стануваат тажни и несреќни бидејќи целите и задачите што им се поставени се несоодветни, ниту пак се во согласност со нивните желби и можности. Ваквите ситуации доведуваат до депресија, која се карактеризира со животна стагнација. Некои од симптомите што укажуваат на депресија кај децата се промени во однесувањето и неуспех во училиште.

Д-р Димиќ вели дека е важно навреме да се реагира и да се преземат мерки оваа состојба да трае што помалку.

„Тогаш најважно е родителот да ги промени комуникацијата и однесувањето, како и да му дава постојана поддршка на детето и да намали некои барања“, советува Димиќ.

Како да се биде добар родител?

Во современото семејство луѓето имаат сè помалку време еден за друг, што придонесува за оддалеченост, недостиг на блискост и разбирање.

-Кога децата ќе пораснат, често ги обвинуваат своите родители дека ги немало доволно во нивниот живот. Познатата реченица „Не бевте таму кога требаше“ е најчестата жалба што децата ја имаат кон своите родители. Факт е дека ако сте премногу отсутни, еден ден вашето дете ќе ви замери поради тоа – потсетува д-р Димиќ.

Д-р Саша Димиќ истакнува и дека „жртвувањето за другите“ често е самоубиствена работа бидејќи тоа може да биде и инвестиција во нешто што можеби нема да ви се врати.

-Жртвувањето е големо прашање, па решението е да се биде доволно добар родител, а тоа значи да не сте фанатични и совршени во својата родителска улога, но да не сте ниту страшен родител. Вистинската мерка е да се биде „доволно добар“. Не можете да бидете совршени, но можете да бидете доволно добри, заклучува Димиќ.

Автор: Бранка Гајиќ

Извор



912

X