Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!
ПРАШАЊЕ: Ќерка ми има 13 години и е доста повлечено дете, не се истакнува, нема натпреварувачки дух. Попушти во учењето, не покажува заинтересираност за школо, не пишува домашни, не се спрема за тестови. Тоа што оценките ѝ се лоши и не е толку страшна работа зашто можат да се поправат, но страшна е нејзината рамнодушност кон работите. Какви и да се информациите што ги добива – и добри и лоши – таа ги прима со рамнодушност и без емоција! Нејзината помала сестра добива работи што ги сака, но и повеќе внимание, а поголемата ќерка го забележува тоа. Дали таквата состојба предизвика вакво однесување? Многу време поминува на мобилен телефон, и покрај ограничувањето, таа изнаоѓа начини…
Имам чувство дека ѝ немам посветено доволно време и не знам дали нешто може да се смени.
ОДГОВОР: Го опишавте вашето девојче како повлечено, интровертно дете кое претпочита активности што не бараат толку многу ангажирање и дружење со другите. Дете кое не бара внимание и кое не се истакнува во толпата, кое е задоволно да биде во заднина. Кое не чувствува потреба да се натпреварува со другите и да се стреми кон признавање и постигнување конкретни цели.
Честопати, бидејќи ваквите деца се „мирни и повлечени“, ние родителите се повлекуваме во интересот на нивното секојдневие бидејќи тука и нема некоја силна експлозија за да интервенираме. Со текот на времето тоа станува навика, а процесот кај детето исто така продолжува, па полека, како што детето расте, некои работи заостануваат, на пример, контролата или вашата присутност за нејзините училишни обврски. Попуштањето во училиште не се случува преку ноќ, а вниманието што го добива вашата друга ќерка, кое таа го забележува, веројатно прави да има измешани чувства. Може да се чувствува занемарена или погрешно разбрана, што доведува до чувство на изолација или осаменост.
И тогаш поради чувството дека нема зошто или нема потреба да прави нешто, таа времето да го поминува на мобилниот, како и секое дете на таа возраст.
Од друга страна, пубертетот е време на бурна транзиција од детството во зрелоста, исполнето од брзи физички промени, хормонален развој и експлозивна активност на невроните. Во оваа „нормална состојба на криза“, која трае неколку години, тинејџерите осцилираат помеѓу детските тенденции и нивната желба да станат возрасни.
Колку повеќе вие како родителите ќе ги препознаете и искусите овие нови предизвици како интегрален, неизбежен емоционален трансформативен процес, толку повеќе ќе можете да му дозволите на своето дете да стане независно. Покрај тоа, оваа криза е шанса за вашиот понатамошен развој.
Во овој период родителите се гледаат како далечни и некој кој пречи, а детето има голема желба за автономија и постојано бара можности да се разбере себеси. Се повлекува во својата соба, во својот свет со слушалки на ушите, не зборува со родителите освен за потребни работи итн. Преку тишината, детето се обидува да се дистанцира и исто така да ја потврди сопствената автономија.
За да ја редефинирате вашата врска, неопходно е да создадете доверба, емпатија и соучесништво, а тоа не значи губење на родителскиот авторитет или губење на нејзините одговорности. Улогите мора секогаш да останат добро дефинирани, но неопходно е вашата ќерка да не се чувствува осамена, туку разбрана, и секако не треба да биде осудувана. И не обесхрабрувајте се доколку не сака да зборува, многу е важно да знае дека може секогаш да дојде кај вас кога ќе почувствува потреба за тоа. Веројатно за прашањата за училиште имате доста кратки одговори како: да, не, не знам… затоа бидете малку покреативни и во опуштена атмосфера прашувајте невообичаени прашања, покажете вистински интерес за секој аспект од нејзиниот живот, она што ја интересира ако игра некои игри, кој бенд го слуша, што сака најмногу да носи…
Би било добро да ја вклучите во вашите домашни активности, гответе заедно, смејте се и бидете порелаксирани.
Охрабрувајте ја да се вклучи во некоја групна активност со помал број деца каде што ќе може да се изразува, а воедно и да се истражува себеси. Бидете отворени во изразувањето на сопствените емоции, споделете ги вашите мисли и чувства.
Ќе биде потребно време за вашата ќерка да стане поотворена и помалку рамнодушна. Бидете трпеливи и поддржувајте ја и продолжете да градите однос и да ѝ давате љубов додека расте и се развива.
Доколку имате потреба од разговор и дополнителна помош за развојот на вашето дете, потребно е да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com
Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com
Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.
Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.
912