Воспитување

Понекогаш ми е доста од сè

Понекогаш ми е доста од сè… и од мојот сопруг и од моите деца… и од тоа што ги родив децата пред да наполнам триесет години.
Доста ми е од готвење, сечкање, од правење планови што ќе имаме за вечера…
Понекогаш ми е доста од диплење алишта, перење, пеглање, иако одамна не сум пеглала… Од сортирање и класифицирање – чие е, кој што носи, што е за есен, а што е за пролет.
Често ми е доста од готвење, од правосмукалки и од оние проклети плочки што се валкаат за еден ден.
Понекогаш, не така ретко, ми е смачено од трчање и брзање, гледање во часовникот дали ќе стигнам навреме до градинката… Од облекување набрзина, појадок на нога бидејќи понекогаш доцнам, јас доцнам.

И од турканици низ градот, метеж во 17 часот, во петок, понеделник, во зима, во лето, преку целиот ден… Доста ми е од градот и од луѓето во него, посакувам да сум на село.
Доста ми е од помислата дека чоколиното не е добро за појадок и дека сите треба да се храниме здраво. Од моите обиди да почнам со вежбање и ветување дека ќе отидам на масажа кога ќе земам плата.
Понекогаш ми е доста од пазарење во продавница и влечење на кесите заедно со децата и кучето… и градинките и децата и парковите…

Доста ми е од физиолошки раствори и инхалации, бронхитис, инфекции на уво…
И од плачење и врескање: „Тоа е мојата играчка!“
Понекогаш мразам што не можам да изгледам филм без да заспијам и што секогаш кога се споменуваат деца, јас можам да заплачам. И од тоа што не можам да ги оставам децата повеќе од три дена и таа моја посесивност дека мајката мора сè…
Најмногу мразам што сите мораме да се лажеме дека на сите ни е одлично и дека не е во ред понекогаш да кажеш дека ти е доста… А понекогаш навистина ти е доста…
Понекогаш ми е доста и од тие дами, домаќинки на кои не им е напорен ниту бракот ниту децата… Ниту, пак, инстаграм-профилите…
И посакувам, некогаш многу посакувам, да побегнам во ноќта, иако знам дека ќе се вратам по петтиот чекор што ќе го направам… и би ги бакнувала сите и би ми недостигале сите, како што ми недостигаат додека сум на работа….
Понекогаш ми е тешко и ми доаѓа да побегнам од сè, но верувам дека е нормално, така…
Бидејќи, знаете во што е мудроста? Деновите на родителството честопати се како склекови – ако никогаш не ви е тешко, значи не ги правите добро...

Автор: Јасмина

Поврзани написи

To top