Тешко е кога гледаме дека нашето дете страда, кога гледаме дека му е тешко. Колку и да знаеме дека тоа е составен дел од животот и дека не можеме да го сочуваме детето од секое разочарување, сепак, сакаме да знаеме дека сме го направиле она што зависи од нас. И постојат работи кои можеме да ги направиме, но и такви во кои не треба да навлегуваме.
Без разлика дали детето не било повикано на роденден, добило лоша оценка, се расправало со најдобриот пријател, некој го задевал на училиште и слично, родителите често се обидуваат да го избават детето од непријатни чувства. Избегнувањето на непријатните чувства ги учи децата дека непријатните чувства се опасни, страшни, дека не се доволно силни да се справат со нив и развиваат различни механизми за одбрана од тие чувства. Кога детето ќе добие ниска оценка, родителите прават две работи, едните го обвинуваат детето дека не учело доволно, дека е мрзливо и неодговорно, го казнуваат и притоа пропуштаат да видат како детето се чувствува поради ниската оценка, како го доживеало тоа искуство. Други, го уверуваат детето дека сè ќе биде во ред, дека оценката ќе се поправи, дека тоа не е страшно. Повторно не дозволувајќи му на детето да биде со тоа искуство, да ги проживее тие емоции. Се наметнува прашањето што да се прави? Еве неколку чекори кои може да ги следите:
Дозволете му на детето да го раскаже своето доживување.
Поставувајте дополнителни прашања
Како тој дијалог може да изгледа (ова е пример кој навистина се случил):
„Што се случило?
Добив 2 по математика.
Како се чувствуваш поради тоа?
Прво се чувствував збунето и зачудено. Мислев дека е некоја грешка и дека сонувам.
А потоа?
Се загрижив како ти ќе изреагираш.
А сега?
Чувствувам олеснување што не ме прекоруваш.
Како се чувствуваш?
Разочарано и тажно“.
А потоа почна да плаче. Му беше потребна прегратка и сигурно место за да ги изрази сите тие измешани чувства.
Покажете му на детето како да ги почувствува своите емоции во телото
Емоциите се во телото, ги чувствуваме како сензации. Додека чувствата се резултат на мислите. На пример, зачудено е чувство, а емоција е изненадување. Разочарување е чувство, а емоција е тага. „Легни и затвори ги очите. Стави ја едната рака на стомакот, а другата на градите. Диши длабоко.“ Дишете заедно со детето. Вдишете низ нос и издишете низ уста, 5-7 пати. Прашајте го детето да ја опише разликата во сензациите во телото пред и по дишењето. Дали интензитетот на емоциите е помал? Најверојатно е. Доколку е потребно, вратете се повторно на чекор еден бидејќи чекорот еден е многу позначаен од чекорот два. Ако се фокусирате само на чекор два, тоа на детето може повторно да му изгледа како бегство од непријатни чувства. Бидејќи чувствата се во главата, за да ги освести и процесира своите чувства, детето мора да зборува за нив. Или да пишува, да води дневник.

Ова е тешко
Да, кажете му на детето: „Ова е тешко, но јас знам дека ти можеш да правиш тешки работи. Силен си да се справиш со овие непријатни чувства. И јас сум тука да ти помогнам.“ Кога детето поминува низ непријатни чувства, ја гради својата отпорност, станува поотпорно и посилно, неговата самодоверба расте.
Разговарајте за понатамошните чекори
Дури кога детето имало можност да помине низ искуство со непријатни чувства, можеме да разговараме за понатамошните чекори. Не брзајте. Овој чекор може да почека до следниот ден. Дајте му простор на детето да ја научи лекцијата од своите грешки или од животно искуство. Помогнете му да го согледа своето влијание врз целата ситуација. Помогнете му да ги согледа своите акции и однесување и последиците од нив. Без осудување. Без „ти реков“, „Требаше да…“, „Ако повеќе….“ итн. И, се разбира, можете и треба да го насочите кон решенија и нови можности. „Кој е твојот план за понатаму?“, „Како ќе го направиш тоа?“ На овој начин децата учат важни лекции, напредуваат, градат внатрешна мотивација, преземаат одговорност и ја јакнат самостојноста. А сè почнува со прифаќање на непријатните чувства.
Сега останува прашањето дали сте вие подготвени да ги прифатите непријатните чувства, да ги процесирате и да учите од нив? Како непријатните чувства на вашите деца, така и своите.
Автор: Винка Радојковиќ/ тренер за комуникација и свесно родителство