Конечно распуст. Но, што да правите сега со децата? Како да ги организирате да не бидат цело време на компјутерот или да не се ѕверат во мобилниот?
Во суштина, најдобро е децата да си обезбедат друштво. Треба добро да се распрашаат и да ги запишат термините кога нивните другари патуваат. А тогаш, колку што можете, приспособете ги своите организации на нив. Зашто кога имаат добро друштво, сè е полесно.
Во случај да имаат екипа, еве што можат корисно да прават:
Летните денови се време за престој на плажа. Но на тој што не може на море, добро ќе му послужи и најблискиот базен или престој во природа… Најдобро ќе се организираат во тоа и ќе уживаат ако најдат друштво, т.е. ако ова им стане секојдневие.
Следната голема работа се велосипедските авантури, секако ако имаат доволно години за такво нешто. Така тинејџерите може подобро да го запознаат својот град, а помалите ќе се држат до својот кварт. Тие и со тоа ќе бидат задоволни.
Дозволете им да останат надвор до подоцна. Најдобри се летните вечери во кои малите играат криенка, а постарите меѓусебно разговараат или слушаат музика.
Што ако е тешко да се најде друштво?
Може да го поканите најдобриот другар од одделението кај вас, но не на 2 часа, туку на неколку дена. Првин кај вас, а потоа кај нив, по мала пауза. Така ќе му овозможите интензивно дружење на своето дете и ќе создадете убави спомени.
Повикајте ги и децата од вашите роднини. Не е ни многу важно ако децата не се сложуваат совршено. Важно е нешто да се случува и да има друштво. Децата учат важни социјални вештини од другите деца, иако се непријатни.
Ако имате поголеми деца, размислете за кампови. Ако немате пари, секогаш може да се најдат и бесплатни.
Размислете и за бабите и дедовците на село, тетка во друг град… Можеби ќе се бунат зашто таму нема интернет ниту другари, но ако одат барем на 2-3 дена, промената добро ќе им дојде.
А кога нема никој
Ќе има многу такви моменти. Но летото може да се искористи и да научат одредени важни животни вештини. Еве неколку предлози.
1. На пр., постарите деца може да научат да зготват некои едноставни рецепти. Да сварат јајца, да направат топли сендвичи, сладолед или да сварат пудинг. А, секако, можат да приготват и нешто посложено. Само дозволете им малку да ја растурат кујната.
2. Може да научат за зашијат копче, да го измијат автомобилот, да ловат риба, да се обидат да поправат нешто, да ги напумпаат гумите на велосипедот…
3. Обидете се да го заинтересирате детето за некое хоби. Еве примери:
– сликање и цртање:
– изработка на макети;
– изработка на предмети од дрво;
– шиење ( ова го сакаат девојчињата).
4. Дозволете им на децата да користат Pinterest. Таму има огромна ризница на идеи, а голем број од нив можат само да ги изработуваат. Нека најдат начин да ја украсат својата соба, да направат споменари, рамки за слики…
5. И на компјутер може да поминат квалитетно време. Затоа, немојте по секоја цена да им забранувате на децата да седат на компјутер. Играњето игри треба да го ограничите, но добро е да ги мотивирате децата да научат да направат презентација на компјутер, поголемите може да отворат блог… или да научат да користат „Фотошоп“. Постојат многу корисни туторијали!
6. Распрашајте се за културните настани во градот. Насекаде се нудат разни бесплатни содржини за деца во лето. Можеби ќе најдете нешто што ќе ви одговара.
7. Како прва активност, добро е да ја средат собата, а тоа подразбира да ги извадат сите книги и белешки, да ги разделат, да го продадат тоа што може да се продаде и што нема да им треба… Истото може да го направат и со облеката. Децата поголеми од 10 години треба сами да ја средат собата, и тоа детално.
8. Ако вашето дете сака да научи некој инструмент, а вие имате можност да платите приватни часови, деновите во кои времето бавно поминува се создадени за тоа постојано да се вежба иста мелодија. Овој совет вреди исклучиво ако детето навистина го сака тоа.
И од досадата има придобивки
Досадата не е најлошото нешто што може да им се случи на децата. Тоа е време за фантазирање и за размислување. Можеби дури и ќе земат нешто да читаат (особено ако ги однесете до библиотека сами да изберат нешто модерно и забавно). Кога деновите им се многу забавни, читаат само оние што уживаат во тоа, а на другите не им паѓа на памет. Меѓутоа, во долгите топли летни часови, кога не може никаде да се оди, а електронските уреди се ограничени, книгата може да биде одлична забава.