Игротека

Помладите браќа и сестри поминуваат повеќе време пред екран, покажува истражување

Разликите меѓу постарите и помладите деца во семејството повеќе не се спорни. Не е само прашање на привилегии или влијание од родителите. Истражувањата покажуваат дека првородените деца, во просек, постигнуваат подобри резултати, на пример, во училиште, а имаат и поголема веројатност да станат врвни менаџери во споредба со децата родени подоцна.

Но, во новото истражување се испитувало какво влијание може да има редоследот на раѓање врз тоа како децата го поминуваат своето време, самостојно и со родителите.

Време пред екран и интелектуални активности

Се покажа дека постојат видливи разлики во користењето екрани и времето посветено на интелектуален развој. Во истражувањето се користеле податоци од анкета во која учествувале околу 5.500 деца од Австралија на возраст од 2 до 15 години.

Децата воделе детални 24-часовни дневници во кои бележеле како го поминуваат времето од будење до спиење. Навеле дали активностите се извршувале со родителите или самостојно. Активностите биле групирани во: спиење, време поминато на училиште, активности за интелектуален развој, време поминато пред екран, телесни активности.

Активностите за интелектуален развој се школски активности надвор од училиште кои помагаат во развојот на детето, како читање, домашни задачи, играње друштвени игри или свирење на музички инструмент.

Помалку други активности кај подоцна родените

Кога истражувачите ги споредиле дневниците на првородените деца со оние родени подоцна од различни семејства со деца родени истата година, кои живеат во истите соседства и имаат слична социо-економска средина (во семејства со две или три деца), се покажало дека помладите деца поминуваат повеќе време пред екраните.

Во споредба со првородените, второродените и третородените деца поминуваат дополнителни 9, односно 14 минути дневно пред екранот. Иако ова може да изгледа незначително, тоа време претставува зголемување од 7 до 10 отсто во споредба со просечното дневно време пред екранот кај првородените. Во текот на неделата тоа е околу еден и пол час.

Овие дополнителни минути, исто така, значат помалку време за други активности. Подоцна родените деца поминувале од 11 до 18 минути помалку дневно во активности кои го поттикнуваат интелектуалниот развој, што претставува намалување од 11 до 20 отсто во споредба со постарите браќа и сестри. Сепак, не се забележани значајни разлики во времето поминато на училиште, телесни активности или спиење.

Разликите се најизразени кај децата од 10 до 14 години, што покажува дека раната адолесценција е период кој бара посебно внимание.

Едно објаснување за овие разлики е родителското време. Како што семејствата растат, родителите имаат помалку време и внимание за развојот на подоцна родените деца. Исто така, истражувањето покажало дека подоцна родените деца поминуваат помалку време на активности за развој заедно со родителите.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top