Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Син ми има 3 години и 4 месеци. Имаме проблем што за сѐ нешто плаче, писка, знае да биде агресивен кон постарото братче, го тепа и го гребе без причина. Има денови кога е навистина неподнослив и не знаеме како да се справиме. Таков е од 2,5 години. Ако не е по негово, почнува да плаче, да се нервира, хистеричен е. Пробавме да му попуштаме, но не бидува. И со карање не го решивме проблемот, а и кога сме смирени, пак е залудно. На поголемото постојано му велиме да му попушта.

ОДГОВОР: Вашето дете и по позиција и по возраст е најмалиот член на семејството. Согласно тоа, има најмала власт во семејството и природно некако се обидува низ оваа специфична фаза на развојот да го потврди сопственото значење и позиција во семејството. Поточно, вашето дете е влезено во развојната фаза на негативизам или спротивставување кон околината со цел да ја потврди својата независност и позиција на моќ различна од другите членови на семејството. Овој период кај децата трае од 2 до 4-5 години сѐ до моментот кога децата природно влегуваат во поинтензивна и поширока социјализација. Вториот развоен процес, според психологот Пијаже, е процесот на детски егоцентризам, каде што детето гледа и ги сфаќа работите единствено низ сопствената перспектива и е во неможност да ја разбере перспективата на другите.

Според психологот Ериксон, од друга страна, во периодот од 1 до 5 години детето поминува низ два значајни процеси наречени автономија и иницијативност, поточно се обидува да се издвои како независно од најблиската околина и презема сопствени иницијативи поразлични од другите со цел да биде забележано. Доколку детето не успее да ги помине овие предизвици, тогаш во овој период се појавуваат првите чувства на срам и вина, детето се чувствува виновно за непријатноста што се создава во семејството и се срами од себе и од сопствените можности (смета дека не е доволно добро).

Сега да се вратиме на вашата ситуација дома, вашето второ дете влегува во веќе воспоставен систем на односи, претходно дефинирани преку присуството на првото дете, кое според вашето зборување претпоставувам дека има сосема поинаков темперамент од второто дете. Вие, како родители, многу повеќе сте научени да се справувате со помирен темперамент и со попослушно дете. Второто дете, од друга страна, треба да се „бори“ за своето место во семејството и честопати го прави тоа доста интензивно барајќи повеќе внимание. Тоа не знае како е најсоодветно да го побара тоа внимание и го бара онака како што единствено знае, а тоа е преку интензивно и несоодветно однесување, честопати напаѓајќи ги границите и трпението на другите. Но погледнете малку во заднината на тоа однесување и прашајте се што навистина бара од вас тоа дете? Ако е внимание, видете како му го давате тоа внимание и дали во тоа внимание повеќе доминираат забраната и казнувањето, вашите реакции на бес и нетрпение отколку смиреноста, трпеливоста, мекоста. Јасно ми е дека како родители не секогаш сме расположени со нежност да одговараме на сите предизвици од децата. Сепак, ние, возрасните, сме тие што ја диктираме играта, ги поставуваме границите на дозволеното однесување и ја обезбедуваме контролата во семејството.

За жал, не давате многу информации во однос на поширокиот контекст, дали живеете со пошироко семејство, дали оди вашето дете во градинка, дали нешто поспецифично се случува во вашиот и преку вашиот во неговиот живот, кој најмногу се грижи за него, дали другиот родител е вклучен во воспитувањето или не. Освен развојните специфичности на детскиот развој, контекстот на семејството и сите процеси што се случуваат во семејството се многу значајни во одредување на причините за однесување на детето.
Она што за крај би сакала да ви го препорачам е доколку препознаете дека одредени стратегии на справување не функционираат, треба да пробате некои други поинакви стратегии. Воедно, ако се водите од развојните специфичности на детето во тој период, треба да се обидете да создадете едно поинакво искуство кај детето од само „бељаџија“, треба да ги уважувате и да им давате внимание на оние однесувања што би го претставиле во позитивно и помоќно светло, да му доделувате „посериозни“ одговорности наведувајќи дека сте сигурни дека ќе ги изврши, да го вклучувате во семејните обврски и да го пофалите за добро направената работа и најмногу од сѐ, кога ќе се случат интензивните емоции, да му ги препознаете и рефлектирате: „Забележувам дека си многу лут и дека сакаш да ни покажеш колку си лут. Во ред е да бидеш лут, но можеш да се лутиш и без да маваш и да повредиш некого“, па дајте му предлог како конструктивно да се справи со лутината: „Наместо да ме удираш мене, да се обидеме да ги удираме перниците на креветот“ (обидете се да обезбедите сигурна средина кога ја изразува лутината). Ако на почеток му е чудно тоа, дајте му свој пример, удрете вие во перницата, или удрете со перницата на каучот, кажувајќи притоа нешто што претпоставувате дека него го налутило: „Ти се лутам затоа што не ме погледна кога те викав!“

Постојат и други стратегии за обезбедување важност и значајност на детето. Сепак, потребна е посеопфатна стратегија базирана на повеќе информации за развојните специфичности и актуелниот контекст на детето со цел да се обезбеди поефективно справување со однесувањето кај детето. Затоа ви препорачувам дополнителна консултација и работа со детски психолог-психотерапевт.

Одговара: Радмила Живановиќ, лиценциран психолог-психотерапевт во „Психотерапика“
е-пошта: psihoterapika@gmail.com / radmila.zivanovic@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X