Засега нема конкретни препораки од Министерството за образование и наука за тоа дали и како ќе се изведе доделувањето на свидетелствата на крајот од учебната година. Оттаму разгледуваат неколку опции
Оваа генерација деветтоодделенци е првата што крајот на своето основно образование го дочека во вонредна состојба поради пандемијата на Ковид-19. Пред секој од нив да продолжи по различна патека, тие ќе немаат можност да се поздрават со своите наставници, со училиштето во кое поминале девет години од животот.
Периодов сè уште има понекое тестирање и заклучувања оценки во дневниците, за потоа да бидат впишани и во свидетелствата кои ќе им бидат потребни за упис во училиште за средно образование. Наставници и директори со кои поразговаравме велат дека целата ситуација им влијае на учениците, нешто што е очекувано.
Нема фотографии и алманах за спомен
Децата бараат алманах, бараат да се фотографираат, но тоа сè уште не се случило. Се чека дозвола, се чека да се види како ќе се одвиваат работите, вели Татјана Глигорова-Божиновска, наставничка по француски јазик во Основното училиште „Панајот Гиновски“ во Скопје.
– Искрено, многу помалку работат од вообичаено со оглед на тоа дека се дома и дека сè е некако поопуштено. Се трудиме да имаме разбирање и да не ги форсираме со премногу материјал за учење. Најтешко им паѓа тоа што нема да можат да се поздрават. Сè што бараат е да се фотографираат затоа што сепак девет години се дружеле и учеле во исто одделение – додава наставничката.
Светлана Масларевска, директорка на скопското училиште „Коле Неделковски“, вели дека тоа што се дома не им одговара на децата и дека ситуацијата тешко им паѓа, но друга опција во однос на образовниот процес нема, освен онлајн-наставата.
– Деветтоодделенците нема да имаат забава годинава. Тие онлајн следат настава како и сите други ученици, прават писмени, тестирани се со наставни листови и на други начини. Наставниците ја имаат предвид ситуацијата, а при формирањето на оценките се зема предвид целокупната нивна активност во текот на годината, а не само оценката од тестот – вели Масларевска.
Училиштата чекаат насоки за доделувањето на свидетелствата
Засега нема конкретни препораки од Министерството за образование и наука за тоа дали и како ќе се изведе доделувањето на свидетелствата на крајот од учебната година. Оттаму велат дека учениците нема да се вратат во училишните клупи до 10 јуни.
– Ова е потврдено и со уредби со сила на закони усвоени од страна на Владата. Така што, оценувањето на стекнатите знаења во овој период продолжува да се реализира согласно упатството за следење и оценување на постигнувањата на учениците за време на далечинско учење, подготвено од Бирото за развој на образованието. Во однос на доделувањето на свидетелствата, во моментов се разгледуваат неколку опции, по што дополнително ќе бидете информирани за конечната одлука – велат оттаму.
Училишниот педагог Убавка Бутлеска во „Манчу Матак“ во Кривогаштани вели дека со оглед на тоа дека учениците во завршна година треба да ги земат свидетелствата порано заради уписите во средно училиште, најверојатно тие ќе им бидат доделени со почитување на препораките за носење маска, на дистанца.
И директорката Масларевска потврди дека засега нема никакви препораки од надлежните како да се поделат свидетелствата.
– Сигурно би го извеле тоа со некој протокол за одржување дистанца од 2 метра и задолжително носење маски – вели Масларевска.
Пријавувањето и запишувањето на ученици во средното образование ќе се врши во три уписни рокови. Првото пријавување е на на 16 и на 17 јуни, а ранг-листите со резултати ќе бидат објавени на 18 јуни.
912