Игротека

Полицаец му станал „привремен татко“ на девојче чии родители се заразени со коронавирус

Јанг Ксиулин, полицаец во Вухан, епицентарот на новиот коронавирус, има нова улога.

56-годишниот ветеран, кој станал полицаец откако се повлекол од воена служба во 1998 година, сега ѝ е „привремен татко“ на 13-годишната Сонг Ксинтонг, која останала сама дома бидејќи нејзините родители и баба ѝ и дедо ѝ биле ставени во изолација откако биле заразени од вирусот.

Мајката на Сонг, Лиу Џинг, била хоспитализирана на 7 февруари, по неколку дена откако биле изолирани нејзиниот сопруг и нејзиниот свекор и свекрва. Кога отишла во болница, Лиу била загрижена за својата ќерка, па побарала помош од Јанг.

– Лиу ме замоли да помогнам и да се грижам за нејзината ќерка додека таа е отсутна. Сочувствувам со семејството, особено за малото девојче, така што се согласив – изјави Јанг за „Чајна дејли“.

Оттогаш Јанг се грижи за девојчето и покрај неговата напорна работа.

– Девојчето не беше во добра состојба на почеток. Плачеше, имаше тежок психолошки притисок. На крајот на краиштата, таа е на возраст во која некој треба да се грижи за неа – изјави полицаецот.

Фото: China Daily

Тој се грижи за здравјето и безбедноста на Сонг и ѝ обезбедува три оброци дневно, како и други нејзини дневни потреби.

Зошто новиот коронавирус претежно ги поштедува децата?

– Имајќи предвид дека живее во околина каде што има потврдени пациенти од вирусот, секој ден ѝ ја проверувам температурата – вели Јанг, додавајќи дека секојпат кога ќе види дека таа има нормална температура, му олеснува.

– Се грижам за нејзината безбедност. Таа е премногу млада за да знае да користи електрична енергија или да готви сама. Ако сум слободен, јас приготвувам јадење – додава тој.

Со девојчето живее веќе две недели, па чувствува дека има подобрување. Таа има онлајн-часови секој ден и ѝ се јавува на мајка си одвреме-навреме.

Јанг се надева дека родителите на Сонг набрзо ќе закрепнат.

– Кога ќе се вратат дома, мојата улога како „привремен татко“ ќе заврши – додава тој.

Извор

Поврзани написи

To top