Ако родителот го дисциплинира детето со удирање по задникот, а потоа се обидува сè да исправи со покажување повеќе љубов или грижа, не прави ништо што би можело да му помогне на детето да се чувствува подобро или да заборави.
Истражувачите од Универзитетот „Дјук“ интервјуирале 1.000 деца и нивните мајки во осум земји (САД, Кина, Тајланд, Филипини, Италија, Кенија, Јордан и Колумбија) за да оценат како физичкото казнување влијае врз нивната склоност кон анксиозност и агресивност. Резултатите од испитувањето покажале дека иако гестот на љубезност го намалува стресот кај децата на возраст од 8 до 10 години, агресијата и анксиозноста останале. Всушност, кога родителот покажувал повеќе љубов по физичката казна, детето било повознемирено. Колку казнувањето било поголемо, толку повеќе растеле агресијата и анксиозноста.
– Очигледно, детските проблеми стануваат поголеми кога родителите искажуваат повеќе љубов по употребата на физичка казна – вели д-р Џенифер Лансфорд, научник на Институтот за општествени науки на Универзитетот „Дјук“.
Збунувачки пораки
Не е утврдено зошто мајчинската блискост и љубов не го смируваат детето, но постои една теорија.
– Тоа е премногу збунувачки и обесхрабувачки за детето кое е удрено и сакано во истиот дом – објаснува Ленсфорд.
– Различните пораки се збунувачки за детето, така што не е шокантно ако детето не реагира на љубовните пораки на мајката. Ако верувате дека можете да му удрите шлаканица и да го тресете детето, а потоа да ги исправувате работите со љубов и грижа, вие сте во заблуда. Грижата за детето по удирањето ретко ги прави работите подобри – вели д-р Лансфорд. Затоа експертите нагласуваат дека децата не треба физички да се казнуваат.
Физичкото казнување не ги решава проблемите
Психологот Ана Мужак објасни како родителите понекогаш кога се уморни од детската непослушност, применуваат физичка казна, но нагласува дека тоа не го решава проблемот и не му кажува на детето што не е добро или што треба да поправи.
– Физичката казна претставува омаловажување за детето и го нарушува односот со родителот, бидејќи во оваа ситуација возрасната личност само ги нагласува својата моќ и авторитет. Така го учиме детето дека насилството е оправдан начин за решавање на конфликтите. Различните истражувања покажуваат дека физичкото казнување не е ефикасна метода на одгледување и не влијае долгорочно на однесувањето.