Терапијата дефинитивно зависи од етиологијата на состојбата, односно откако ќе се утврди што довело до зголемени вредности на ЦРП, вели д-р Антони Пашоски, специјалист по медицинска биохемија

Дали да му се даде антибиотик на детето или не? Ова е најчестата дилема што ги мачи лекарите и родителите во зимскиот период кога се шират разни болести. Лекарите велат дека дури и детето да нема висока температура, во организмот може да се случува некоја бактериска инфекција што може сериозно да го загрози здравјето. Но, штета има и од џабе даден антибиотик. Во решавањето на дилемата, секако, најмногу може да помогне испитувањето на крвната слика. Но, во последно време, лекарите сѐ повеќе му веруваат на ЦРП – Ц реактивниот протеин (CRP), односно неговите вредности.

Детето има температура. Не трчајте веднаш на лекар

Но не секоја висока вредност на ЦРП значи дека веднаш треба да се даде антибиотик. Според д-р Лилјана Којиќ, специјалист педијатар, најважно е родителите да не трчаат на проверка на крвната слика на првиот ден со покачена температура кај детето.

– ЦРП почнува да расте кога се работи за бактериска инфекција, меѓу 6 и 9 часа по започнување на инфекцијата. Пикот е некаде околу вториот-третиот ден. Тогаш е највисока. Тоа нам ни служи за диференцијација на бактериска или вирусна инфекција. Ние, педијатрите, за тоа го користиме. Просто кажано, најголемиот број лаборатории имаат референтна граница 5 (горна граница). Мало покачување не е ништо. Но, може да биде и лажно ниско, ако прерано е земен примерок. Родителите знаат да истрчаат кај лекар неколку часа по инфекцијата, а тогаш е рано. Освен што детето нема доволно клинички симптоми, може да имаме и лажно добра крвна слика.

ЦРП не се качува од стрес кај децата, на пример, од земање крв и слично

Препорачувам да се оди на лекар барем 10-ина часа, идеално 24 часа по првите симптоми на болеста за да имаме јасна слика дали е бактерија или вирус. Високо ЦРП значи бактериска инфекција. На пример, ако е 30, речиси секогаш е во прашање бактериска инфекција. Инаку, ЦРП не се качува од стрес кај децата, на пример, од земање крв и слично – објаснува д-р Којиќ.

Д-р Лилјана Којиќ/ Фото: Фејсбук

Таа ги праќа пациентите на испитување на ЦРП секогаш кога имаат знаци на инфекција, покачена телесна температура, кашлање, а особено ако се сомнева на инфекција на респираторен тракт. Но и кога детето има температура од непознато потекло. Нема симптоми, а има покачена температура.

– Сега, со испитување на ЦРП-то ни е многу полесно при давањето дијагноза. Бидејќи јас порано работев на Клиника, може да потврдам дека ЦРП се испитуваше уште пред 20 години, но факт е дека сега педијатрите сѐ почесто го користат за да добијат појасна слика. Само крвната слика не дава доволно податоци. Зголемени лимфоцити не секогаш значат бактериска инфекција. Тоа може да биде знак за дехидрираност, на пример. Тоа се лажно зголемени леукоцити. А ЦРП е реактант на рана фаза. Се зголемува кај сите воспаленија во организмот во раната фаза. Го имаме не само кај инфекции, туку и кај автоимуни заболувања, малигни заболувања. Но, кај децата секако дека најчесто се работи за некоја инфекција – вели д-р Којиќ.

Што значи ЦРП?

Д-р Антони Пашоски, специјалист по медицинска биохемија, објаснува дека во акутната фаза на многу процеси каде што доаѓа до оштетување на ткивата,  на пример, при инфективни, воспалителни болести, малигни неоплазми, инфаркти, концентрацијата на Ц-реактивниот протеин, како и на другите протеини од акутна фаза, другите реактанти (С3с, С4, НАРТ, ААТ и други) рапидно се зголемува. ЦРП најчесто се покачува дури и пред да се појават клиничките симптоми, вклучувајќи и треска.

– Кај здрави луѓе, ЦРП е протеин кој се јавува во траги, во распон до 5 mg/L. Во акутна фаза на болеста концентрацијата на ЦРП во серум рапидно се зголемува. Измените во концентрацијата се забележуваат во рок од 6 до 8 часа од настапување на болеста, а својата максимална вредност ја достигнува во рок од 24 до 48 часа. Концентрација зголемена за илјада пати од нормалната вредност асоцира на сериозен поттикнувач на истата, на пример, инфаркт на миокард, тешка траума, операција, малигна неоплазма. ЦРП има полуживот од само неколку часа, што го прави одличен индикатор за клиничко следење на состојбата – вели д-р Пашоски.

Фото: Борче Поповски

Мерењето на промените во концентрацијата на ЦРП, објаснува докторот, дава корисна дијагностичка информација за тоа дали болеста е во акутна фаза и колку е сериозна. Исто така, служи за процена на компликациите што може да се јават во текот на болеста, па дури и за разбирање на генезата на самата болест.

– Упорна висока концентрација на ЦРП во серум вообичаено претставува знак на сериозна болест и главно укажува на неконтролирана инфекција. Помасовно се користи во практика последниве десетина години, особено кај деца, поради квалитетот на информацијата што ја носи заедно со крвната слика. На пример, кај дете што има пролонгирана кашлица. Ако се направи диференцијална крвна слика и ЦРП и ако се види дека има ниски, нормални вредности на ЦРП, а има еозинофилија, ете ја дијагнозата, ете го решението на проблемот со кашлицата. Најчесто овде станува збор за некаква алергија – објаснува д-р Пашоски.

При зголемени вредности на ЦРП не се дава секогаш терапија со антибиотик, потврдува д-р Пашоски.
– Терапијата дефинитивно зависи од етиологијата на состојбата, односно откако ќе се утврди што довело до зголемени вредности на ЦРП. За мене, оваа лабораториска анализа претставува многу добра алатка што помага во донесувањето одлука, суд, што да се прави понатаму, се разбира, во корелација со другите параметри!



912

X