Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!
ПРАШАЊЕ: Имам две деца на возраст од 6,5 и 4,5 години. Оваа година поголемото дете тргна во училиште и мислам дека оттогаш датира и проблемот. Имено, во последните неколку месеци поголемото дете ја повторува секоја реченица, секоја фраза и секоја постапка на помалото дете. На пример: „Мамо, може да јадеме торта“, прашува помалото дете. За некоја секунда дотрчува поголемото дете со истата фраза: „Мамо, може да јадеме торта“… „Мамо, сакам да бојам“, „Мамо сакам да бојам“ во секундата се повторува иако двајцата седат пред мене. Па почнува однесување како тантруми ако нешто не се дозволи или се постави јасна граница. Ве молам за совет!
ОДГОВОР: Тргнувањето ВО училиште е период на нова адаптација кон нова социјална средина, но и нови правила, барања и очекувања од децата на таа возраст. Понекогаш тоа може да биде изискувачко за самото дете и во тој случај тоа одбира да се идентификува со однесувањето на помалото братче, за кое е свесно дека не важат истите правила и очекувања.
Со цел да избега од таквите нови критериуми и правила кои се поставуваат во неговото секојдневие и да си го олесни секојдневието, одбира да се однесува несвојствено за возраста. Она што е важно е вие да останете доследни до вашите јасни граници. Поттикнувајте охрабрувачки говор потенцирајќи ги убавините на тоа што е поголем брат, давајте му активности во домот преку кои ќе се чувствува како доволно компетентен, а притоа и зрел бидејќи баш тој добил задача сам да оди во блискиот маркет.
Барајте да сподели идеи и мислење за активностите и задачите во секојдневието и домот, пофалете ги неговите идеи и размислувања, заблагодарете му се за секоја помош и завршена задача што сте ја побарале од него.
Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Хармоничен свет“, е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com
Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.
Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.
912