Психологот Марија Младеновска-Димитровска, единствен учесник од Македонија на светскиот форум „Детето во дигиталниот свет“ во организација на Русија, ги пренесува искуствата за зависноста на децата од дигиталните уреди

Генерација Z (зет) – така психолозите ја нарекуваат првата дигитална генерација на деца родени од 1995 до 2009 година. По неа следува генерација А (алфа), родени од 2010, па наваму, таканаречени дигитални домородци (digital natives). Тоа се деца од кои голем дел немале контакт со она што било карактеристично за претходните генерации, особено во развиените земји. Немале контакт со пишан текст на хартија, не слушале радио, не користеле паричник, аналоген часовник, туку најчесто се во контакт со паметни телефони, дигитални часовници, безжична технологија, слушалки, онлајн-музика, лајфстриминг, 5Г, онлајн видеоигри…

Ова беше дел од дискусијата на психолозите и други експерти учесници на Интернационалниот психолошки форум „Детето во дигиталниот свет“, кој се одржа онлајн на почетокот на јуни во организација на Психолошкиот институт на Руската академија за наука, Факултетот за психологија при Државниот московски универзитет Ломоносов и Руското психолошко друштво со поддршка на меѓународни психолошки асоцијации.

Искуствата од форумот ги пренесува стручниот соработник-психолог од училиштето „Таки Даскало“ од Битола, Марија Младеновска-Димитровска, магистер на клиничка и советодавна психологија. Беше единствен учесник од Македонија на форумот каде што имаше 20.000 експерти од 90 земји. Во својот труд Младеновска-Димитровска ги сублимира негативните последици од дигитализацијата кај младите и нивниот ментален развој.

Зависноста од интернетот СЗО ја впиша во меѓународната класификација на болести

– Алфа генерацијата сè повеќе се соочува со зависноста од интернетот, така што дигитализацијата веќе си го зема својот данок врз психичкиот развој на децата. Дури и Светската здравствена организација зависностите од компјутерите и видеоигрите ги вклучи официјално во Меѓународната класификација на болестите како посебни психички нарушувања на зависност. Од овие нарушувања на зависност повеќе страдаат машките деца – вели Младеновска-Димитровска.

Фокусот на форумот беше ставен на влијанието на дигиталните медиуми, интернетот, видеоигрите, сајбер-насилството врз менталното здравје на децата. Ставот на повеќето психолози од светски ранг беше дека покрај неминовноста на дигитализацијата, таа со себе носи негативни последици врз менталното здравје. Според истражување презентирано на форумот, првиот контакт на малите деца со дигитален уред е од 2 години, додека 60% од децата на 4 до 6 години, и дури 99% од 11 години имаат свој паметен телефон.

Преголемата изложеност на екраните доведува до аутистични симптоми

– Иако мотивите на родителите кои од најрана возраст на децата им даваат да користат дигитални уреди се добронамерни, сакајќи со тоа не само да бидат во тренд со технолошкиот напредок, туку и полесно и побрзо децата да научат бројки, букви, странски јазици или тие да седат мирни за родителите да имаат време за себе, сепак треба да внимаваат дека со тоа им прават штета на децата и да ги имаат предвид негативните ефекти. Тоа се доцнење на говорот кај децата, намалување на социјалната интеракција, па дури и појава на т.н. аутистични симптоми поради преголемата изложеност на екраните, подоцнежни проблеми во процесот на учење и помнење, многубројни емотивни проблеми – вели психологот.

Децата покажуваат агресивно однесување кога ќе им се ограничи користењето на интернетот, видеоигрите, паметните телефони и другите дигитални уреди, незаинтересираност за други активности, замор, апатичност, депресивност.

Младите генерации не сакаат да пишуваат со рака

– Иако, од една страна, се гордееме што нашите деца од 2-3 години почнуваат да зборуваат течно на англиски јазик, од друга страна, сè потешко го совладуваат македонскиот јазик и веќе имаме проблеми во говорното и пишаното изразување на македонски јазик, а исто така имаме сè повеќе проблеми во пишувањето зашто младите генерации не сакаат да пишуваат со рака, што веќе е сериозен проблем – вели Младеновска-Димитровска.

Во својот труд истакна дека незаинтересираноста за пишување со рака доведува до проблеми во развојот на фината моторика, графомоторните вештини, моторната координација, координацијата око-рака, развојот на говорните вештини. Вели дека не треба да нè чуди што сè повеќе имаме деца со проблеми при пишувањето, дисграфија, диспраксија, проблеми со говорот, доцнење на говорот, нарушена флуентност на говорот итн.

Во мојот труд посочив дека преголемата изложеност на дигитални содржини доведува до бомбардирање на мозокот на децата со огромен број информации кои тие не можат да ги процесираат, т.н. деконцентриран ум (distracted mind), дигитална деменција или заборавност. Тоа доведува до нарушување на вниманието, неможност за ретенција на вниманието, односно хипервигилност и хипотенацитет на вниманието, неможност да помнат, намалена способност за учење и самоконтрола, раздразливост, нервоза, испади на бес, гнев, лутина, испади на агресија – вели Младеновска-Димитровска.

Дигитализацијата не може да се сопре, но треба да се намали негативното влијание

Таа додава дека дигитализацијата не може да се сопре, но дека стручната јавност, родителите и сите вклучени во воспитанието и образованието треба да вложат максимален напор таа да се користи во позитивни цели и да се намали негативното влијание.

– Иако сметам дека ние не можеме да одиме ретроградно на развојот на технологијата и себеси се сметам како човек кој е и сака да биде во тек со времето, треба да бидеме внимателни сите овие модерни дигитални реформи и дигитализацијата да не создадат млади генерации кои ќе бидат изгубени во дигиталниот свет, кој навидум им нуди неограничени можности за знаења и информации, а од друга страна ги отапува и уништува нивните когнитивни способности и креира генерации кои нема да бидат способни за суштинско разбирање и вклопување во стварноста – вели Младеновска- Димитровска.

Инаку, таа и претходно учествувала со свои научни трудови на многу меѓународни научни конференции и конгреси во земјава и во странство, од кои еден од најпрестижните е 16. Европски конгрес на психолози, кој се одржа на Државниот московски универзитет Ломоносов во Москва во 2019 година, каде што беше единствен претставник од Македонија со свој научен труд, а за чие учество го доби и највисокото општинско признание на Битола за 2019 година, наградата „4 Ноември“.



912

X