Мајкл Фулан е едно од најзначајните имиња во денешниот свет на образованието. Познат е по 10-годишниот ангажман како советник за образование во Канада, како поранешен декан на Институтот за образовни студии во Онтарио, но и како автор на многу книги и есеи на тема реформи во образованието. Помогнал да се промени канадскиот систем на образование, по што оваа земја успеала да се најде меѓу десетте најдобро рангирани на ПИСА-тестирањето, а работел и како советник во министерството за образование во Обединетото Кралство, Австралија, Финска и Калифорнија.

При неодамнешната посета на Мадрид дал интервју за шпанскиот весник „Ел Паис“ во кое го изнел ставот за тоа зошто моменталните образовни системи ги отуѓуваат учениците. Тој, имено, се повикува на податокот дека кога тргнуваат на училиште, 99 отсто од децата изразуваат заинтересираност за училиштето. Тој истиот интерес, кога децата ќе тргнат во средно училиште, паѓа дури на 15 отсто. Смета дека треба да престанеме краткорочно да ги „крпиме“ проблемите во образованието и да се одлучиме за драстични промени во системот.

Реформирањето на образовниот систем мора да почне од наставничкиот кадар

Најголемите проблеми на денешното образование се лошите резултати на тестовите за пишување, читање и математика, но и премалиот број на студенти што успеваат да се запишат на факултет. Особено е загрижувачка огромната разлика што постои помеѓу учениците со добри резултати и оние со лоши. Мораме да се занимаваме и со проблемот со наставниците, кои мора да работат заедно и да соработуваат, а за да го постигнат тоа, мора да се образоваат директорите на училиштата за да успеат да ги убедат наставниците дека соработката е добра за усвојување знаење, како за нив така и за учениците. Сериозен пропуст е фактот дека немаме амбициозни програми за образование за наставниците. Мислам дека секоја земја што сака да го реформира образовниот систем мора да почне од наставничкиот кадар, истакнал Мајкл Фулан.

Тој особено го критикувал американскиот систем на образование, односно практиките за оценување на наставниците преку резултатите на учениците. Ваквите мерки имаат цел да се создаде систем во кој наставниците ќе го прават она што им го наредува некој однадвор. Нашите истражувања покажале дека наставниците поактивно се вклучуваат во работата на своите училишта кога се вложува во наставничкото образование. Тоа што на неподготвен персонал ќе му ставите дополнителен притисок може да значи само неуспех. Ситуацијата е слична во кое било опкружување – доколку вработените ги плаќате на индивидуална основа, со цел оптимизирање на резултатот, може да се случи во краток временски рок да постигнете подобри резултати. Но многу брзо ќе увидите дека таквиот систем не функционира долгорочно. Тоа е она што го нарекуваме екстринстична мотивација. Од друга страна, доколку некого плаќате достојно – парите нема да претставуваат грижа за таа личност. Клучот е во интринзична мотивација, глобалната трага која ќе ја остави, добрите односи помеѓу колегите кои нема да се грижат само за својот дел од работата за повеќе да заработат и кои на работа ќе доаѓаат со елан, вели Фулан.

Тој се осврнал и на сè поприсутната анксиозност кај учениците. Смета дека натпреварувањето за подобри оценки значи крај на учењето, а може да значи и сериозни проблеми, како што се случува во Сингапур, Кореја и во Кина, каде што бројот на самоубиства помеѓу учениците е во пораст. Смета дека треба да му се даде посебно значење на усвојувањето способности кои учениците подобро ќе ги подготват за реалниот живот. Додава дека темата за климатските промени мора да стане многу силен дел од образованието, поважен од самите оценки, бидејќи новите генерации мора да бидат општествено освестени.

Архитектурата на училницата е историска грешка

На тема заедничка работа на наставниците, вели дека архитектурата на училницата е историска грешка. Кога сте наставник – вие сте изолирани, сами сте со своите ученици и не сакате никој да ви пречи. Тоа значи дека учениците ќе го научат она што им го нудите и дека ќе пропуштат можност да учат од вашите колеги и да откриваат нови работи кои можеби ќе им бидат од голема корист. Проблемот не би го решиле кога би вовеле закон за образование кој би ги натерал наставниците да ги делат училниците или да работат заедно. За да ги промениме работите, ни треба софистициран пристап, а тој пристап мора да го воведат директорите и членовите на тимовите, бидејќи авторитативниот пристап не функционира. Наставниците сметаат дека својата работа треба да ја извршуваат самостојно и сакаат при донесувањето на одлуките да се смета и на нив.

Поради тоа, директорите на училиштата мора да сфатат која е нивната улога, мора да бараат иновативни формули надвор од училишното опкружување. Мора да бидат во контакт со заедницата, со посебни експерти кои се на чекор од нови откритија, но и со другите училишта кои со нив ќе ги споделат новите педагошки пристапи. Директорите што ќе се посветат на контролирање на своите наставници, нема да им помогнат на учениците да постигнат подобри резултати, вели Мајкл Фулан и заклучува дека квалитетот на образованието би бил подобрен дури кога директорите на училиштето ќе одвојат време за воспоставување контакт со пошироката заедница и ќе побараат идеи за подобро образование надвор од самото училиште.

Автор: Мерима Дервишиќ за skolegijum.ba



912

X