Здравје

Подготвителни вежби за ползење

Бебињата се раѓаат со рефлексот за ползење, но со текот на времето тој исчезнува доколку не се стимулира. Ова се неколку совети како да вежбате со бебето.

Некои деца ја прескокнуваат фазата на ползење и почнуваат веднаш да се исправуваат и да стојат. Сепак, совет е да се стимулира ползењето кај бебето и тоа веднаш штом ќе почнат да се интересираат за околината. Оваа важна активност постепено се развива низ различни положби на стомакот.

Чекор по чекор

За да заземе четвороножна положба, бебето прво треба да го научи следното: да се исправи додека е на стомак, да се потпира на испружените раце (за да може да ја префрла тежината напред-назад), потоа странично да се движи и врти во круг (како стрелките на часовникот). Ако не ги поминало сите фази постепено, во период кога овие вештини спонтано се совладуваат, веројатно ќе почне да оди „како војник“ или со рацете да се турка и движи наназад. Кога ќе го совлада вртењето од грб на стомак, бебето почнува со раката од лежечка позиција да посегнува по играчките. За да ја дофати омилената играчка, која не е на дофат, бебето ќе го движи целото тело во тој правец. Може да се случи, при овие обиди, бебето и да „заплива“. Ова е кратка фаза на несигурност која успешно ќе ја пребродите со пружање на лактите и потпирање на дланките (бидејќи дланките мора да бидат отворени).

Безбедна околина

Соодветните вежби ќе му помогнат на бебето успешно да се подготви за ползење. Вежбите треба да се прават во соодветни услови, безбедни за бебето – на подот кој не се лизга и кој е обложен, па при евентуален пад да ги амортизира ударите во главата. За време на вежбата, облеката која бебето ја има на себе треба да е комотна – да не го спречува и да не биде преширока. Сите предмети со остри краеви треба да се оддалечат за бебето да не се повреди. Исто така, за правилно да се развива, на бебето му е потребно слободно движење, па оградата користете ја само кога е неопходно, за да го заштитите од опасност.

Родителот како поддршка

Ако не е навикнато да седи на стомак и особено ако веќе е навикнато да седи, сигурно ќе се буни и ќе бара да го земете. Затоа е неопходно да бидете на подот заедно со бебето, да го анимирате со играчки и да бидете истрајни во вежбите што ќе му овозможат да се подготви за ползење.

Значењето на подготвителните вежби

Прераното поставување на детето да стои може да има штетни последици, како што е преголемо оптоварување на мускулите, деформација поради неправилно држење и деформитети на нозете. Затоа, подготвителните вежби за ползење имаат големо значење и ќе бидат од голема корист дури и кога оваа развојна фаза изостанува или, пак, трае кратко.

Предностите на ползењето

Ползењето не е неопходен предуслов за одење, но е одличен тренинг за сите мускули, како за нивната сила така и за еластичноста. По одењето по рамно, детето ќе почне да совладува препреки, на крајот ќе ползи по скали. Од четвороножна положба, прво ќе седи косо на колкот, а потоа ќе преминува во вистинска седечка положба. Кога тоа самостојно ќе го направи, можете да го оставите да седи. Не е добро детето пред време да се поставува во седечка положба бидејќи на тој начин се врши оптоварување на ‘рбетниот столб и доаѓа до негово кривење. Непреченото движење и запознавање со просторот во кој престојува на детето му ги подобрува моторните способности, со кои стекнува физичка независност.

Со развојот на движењето и љубопитноста, ако ја сокриете играчката со која играло, детето ќе ја бара истовремено учејќи за просторните односи – напред, назад, долу, надвор, внатре. Барањето и наоѓањето е сложена вежба за концентрација и помнење.

Кога доволно ќе се зацврсти и ќе ги совлада сите фази на движење, кон крајот на деветтиот месец ќе почне да се исправува така што од ползењето на подот ќе премине на ползење до ѕид и до цврсти предмети во собата. Додека со едната рака се потпира, со другата ќе се подигнува, при што ќе ја открие и положбата на клечење, во која со задоволство ќе си игра.

Автор: Снежана Милановиќ, физиотерапевт

Поврзани написи

To top