Уште како деца учиме дека е многу важен начинот на изразување на љубовта кога некој ќе ни подари нешто што ни е вредно. Играчки, бонбони, чоколада и други подароци за детето стануваат конкретизација на нечија љубов. Во нашето несвесно се прави врска помеѓу добивање нешто како подарок и чувства на сакање и прифатеност. Кога ќе пораснеме, во нас продолжува да живее она „внатрешно дете“ кое сака да добива подароци од другите.
Додека децата се насочени кон примање љубов, на возрасните им е важно и покажувањето, изразувањето љубов. Возрасните преку подарување изразуваат љубов кон другите, од родителска, партнерска до пријателска. Додека децата размислуваат што би сакале да добијат како подарок, возрасните размислуваат за другите и претпоставуваат што би бил соодветен подарок за некоја друга, одредена личност.
Навреден наместо почестен
Целта на подарувањето е другите да се почувствуваат прифатени, ценети и сакани. Тоа значи дека чинот на подарување и самиот подарок би требало кај другиот да предизвикаат многу пријатни чувства. Но, за да биде постигната таа цел, потребно е да се познава другата личност и кон неа да се има одреден степен на емпатија. Прашањата што си ги поставуваме кога размислуваме како на другиот да му подариме нешто се: што би сакал другиот да добие како подарок? На што би се израдувал навистина?
Постојат многу начини нашиот подарок да не ја оствари својата цел. Една од типичните грешки е во тоа што подарувајќи му на другиот всушност симболички му си подаруваме себеси. Тоа значи на друго лице да дадеме нешто што ние самите би сакале да го имаме, што за нас има висока вредност, но не и за лицето на кое му е даден подарокот. Бидејќи даруваните луѓе не го проценуваат самиот подарок, туку и односот што го има кон нив оној што дарува, на овој начин им покажуваме дека не ги познаваме, дека не ги гледаме такви какви што се, туку дека во нив се гледаме само себеси.
Вредноста на она што се дарува мора да биде примерна. Во таа смисла можни се две грешки. Првата е она што го подаруваме другиот да го доживува како недоволно вредно или безвредно, така што може да се почувствува навреден. Особено ако тој нам во некоја друга пригода ни подарил нешто со поголема вредност. Втората грешка е на друг да му подариме нешто што тој го оценува како премногу вредно, како нешто што се дарува во односи кои се многу поцврсти и поблиски отколку што е односот помеѓу вас и него. Тоа се ситуации во кои на луѓето им е непријатно да примат таков подарок бидејќи мислат дека на некој начин ги обврзува, подмитува за односот да биде многу поблизок од оној во кој се чувствуваат пријатно. Некогаш во таквите ситуации може да се случи личноста категорично да одбива да прими таков подарок.
Кога говориме за вредноста на подарокот, тогаш треба да се знае дека е во прашање емотивна вредност, значи онаа вредност што подарокот ја има за тој што го прима, а не реалната вредност на пазарот. Во таа смисла, заблуда е дека подарокот мора да биде скап, неговата парична вредност да изразува количина на љубов. Но, некогаш цената на подарокот е важна бидејќи луѓето ја согледуваат преку куповната моќ на оној што подарува. Од таа причина, истиот подарок кој се добива од една личност може да биде оценет како премногу евтин, а кога се добива од некој друг, како премногу скап. И затоа подарокот и чинот на дарување треба да се согледаат во контекст на две лица, од оној што прима и оној што дава подарок, како и во контекст на нивниот однос.

Не заборавајте на себе
Кога дарува оној што нема пари, како на пр., децата, тогаш е најважна симболичната вредност на подарокот. Ако тоа е нешто што детето го направило, напишало, нацртало, тогаш покрај содржината се оценува и количината на труд што тоа ја вложило во дадениот подарок. Постои уште една личност која ни е важна и која заслужува да ја даруваме, а на која многу често забораваме. Во прашање сме самите ние. Дарувањето на себеси не е помалку важно од подарокот што го добиваме од другите. Кога си дозволуваме нешто за себе, ние изразуваме љубов кон себеси, а празниците, родендените и важните датуми треба да се одбележат така што ќе си подариме нешто сами на себе.
Иако многумина поимот подарок го доживуваат како некој предмет, не треба да се заборави дека подарокот првенствено е доживување. И затоа некогаш најубавиот подарок е кога некому ќе му приредиме некое доживување што ќе го усреќи и развесели.
Автор: Зоран Миливојевиќ