По само неколку часа откако британскиот принц Хари и неговата сопруга Меган во понеделникот допатуваа во Австралија, во службена посета, Бакингемската палата објави дека парот го чека своето прво дете и дека приновата ќе дојде напролет.
Поранешната глумица веќе има подготвено подарок за бебето, ако е девојче.
Имено, во едно интервју од 2015 година ѕвездата на серијата „Костуми“ кажала дека купила безвремено парче накит за својата идна ќерка. Станува збор за часовник од „Картиер“ кој Меган го купила кога дознала дека ќе се снима и трета сезона од популарната серија.
– Кога дознав дека ќе се снима трета сезона од серијата, што во тоа време се чинеше како голем пресврт, одлучив малку да се расфрлам со парите и купив часовник – изјавила за магазинот „Хело“. Се работи за двобојно парче кое чини околу 5.000 фунти.
Меган дополнително покажала колку е сентиментална велејќи дека на часовникот изгравирала „Од М.М. за М.М.“ и дека еден ден има намера да ѝ го подари на својата ќерка.
Изгравираниот дел веројатно значи „од Меган Маркл за Меган Маркл“, со што го прославила успехот на серијата, а веќе се јавија шпекулации дека натписот би можел да има влијание и врз името што парот ќе му го даде на своето бебе.