За да се избегнат можни компликации на здравјето, докторите апелираат за алергијата навреме да се побара помош

Кивавица, течен секрет од носот, солзење на очите, нивно зацрвенување, чешање или печење, темни кругови околу нив, печење во носот или во грлото се знаци на алергија од полен. Најчесто се јавува во овој период од годината, напролет, кога најмногу цветаат растенијата. Последната деценија сѐ повеќе луѓе се соочуваат со овој здравствен проблем, а меѓу нив рапидно расте бројот на деца со алергии. Лекарските ординации се сѐ пополни со алергични деца. За да се избегнат можни компликации на здравјето, докторите апелираат за алергијата навреме да се побара помош.

Разликувајте алергија од настинка

– Имаме многу деца со алергии на полен, сега е и сезона на оваа алергија. Неблагодарно е да се прогнозира, но според искуството, подготвени сме и да се зголеми бројот на пациенти што ќе бидат хоспитализирани. Дете со алергија знае да биде нападнато и од вирус или бактерија и да се случат здравствени компликации – вели д-р Ангелчо Андоновски, директор на Институтот за белодробни заболувања кај децата-Козле.

Алергијата може да даде и кожни реакции, може да направи и проблем со синусите, а потоа, ако не се санира навреме, да се прошири на дел од органите за дишење. Нетретираната алергија може да предизвика астма, па затоа е битно навреме да се појде на лекар.
Д-р Андоновски потенцира родителите да не даваат лекови што не се одобрени од доктор. Се случувало погрешно да лекуваат настинки, а детето да има алергија.
– Симптомите се разликуваат. Алергијата не предизвикува зголемување на телесната температура. Но, ако сепак треба да се осигуриме, има методи со кои за брзо време може да се покаже дека станува збор за алергија. Освен лековите антихистамини што треба да ги смират симптомите, лекарот може да пропише и противвоспалителна терапија, доколку детето се соочува со драматични симптоми – објаснува докторот.
Обична настинка трае приближно една недела, проследена е главно со
температура и се јавува во студените месеци од годината. Алергиската, пак, се јавува
напролет и трае со недели или со месеци.

Алерготестови по три години

Д-р Неда Ежова, алерголог во поликлиниката „Јане Сандански“, објаснува дека алергијата се докажува со правење алерготестови. Кај децата тие се прават откако ќе наполнат три години.
– Поради недоразвиеноста на имунолошкиот систем кај децата пред три години, алерготестовите направени во тој период може да не бидат најточни – вели д-р Ежова.
Кај нас, објаснува таа, нема прецизна статистика за тоа колкав дел од населението се соочува со поленска алергија. Се претпоставува дека алергијата измачува од 22 до 25 проценти од населението.
На зголемувањето на бројот на луѓе со алергија влијае и загадувањето на воздухот. Се смета дека аерозагадувањето ги менува поленовите зрна, кои потоа организмот ги третира како туѓо тело. Влијание има и генскиот фактор, т.е. фамилијарната предиспозиција.

Алергените напаѓаат при ослабнат имунитет

Алергените напаѓаат ослабнат имунолошки систем. Затоа, оние што се соочуваат со нив мора да внимаваат на имунитетот. Доколку со алергијата се појават силни кашлици, кои траат долго, кај пациентот може да се појави алергиска астма, па тоа мора да се провери кај специјалист.
Алергијата настанува кога поленовото зрно ќе дојде во контакт со слузокожата на органите за дишење во организмот. Кај алергичните луѓе имунолошкиот систем ќе го препознае поленовото зрно како туѓо тело, па тогаш почнуваат низа реакции.

 



912

X