Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!
ПРАШАЊЕ: Мојот син има 14 години и нашиот проблем постои веќе 2-3 години. Воопшто не сака да учи, тоа го прави речиси насила. По цел ден телефонот му е в раце и игра, а кога ќе му го земам, се лути. Кога ќе му речам да учи, се однесува како реченицата да не е за него наменета. Не сфаќа дека училиштето е негова обврска, за сè друго може да ми помага, дури и околу братчето, кое има една година. Многу се израдува кога дозна дека нема да биде сам (не можевме да имаме второ дете со години) и рече дека има инспирација за учење од братчето, но ништо од тоа. Неколку месеци спиеше сам во соба, ама сега почна да оди кај баба му на долниот кат да спие, со изговор дека таму е топло, ама не е тоа во прашање, и туку може да ја грее собата. Кога и да влезам кај него в соба, постојано игра, а од книгите ништо, дури и заспива кога ќе го оставиме сам да учи. Помош!
ОДГОВОР: Како што пишувате, проблемот трае 2-3 години. На 11 години кај децата се јавува потреба за осамостојување и растење која не е во согласност со годините. Во тој период кај вас улогите на возрасен и дете се променети. Тоа што вашиот син спие со баба му е показател дека улогата на родител во одреден период ја презела бабата. Најпрво треба со вашиот сопруг да се договорите колку во воспитувањето и развојот на вашето дете најглавната улога ќе ја имате вие двајцата. Да направите договор со баба му околу нејзината улога во воспитувањето на вашиот син. Тоа значи дека е потребно време и поголема количина на разбирање и стрпливост за да се постигнат одредени договори со вашата баба.
Од 11 до 13 години децата развојно се во рана адолесценција и карактеристично за овој развоен период е тоа што тие се окупирани сами со себе, размислуваат од денес за утре, мислат дека ништо лошо не може да им се случи, веруваат дека никој не може да ги разбере, а најмалку нивните родители. Ова се развојно вообичаени карактеристики за рана адолесценција и колку многу да вознемируваат и фрустрираат, треба да разберете дека развојно се очекувани.
Како родител, тешко е да се прифати и гледа како вашиот син го менува однесувањето и како ги менува правилата и договорот. Во овој период важно е да разговарате, да го потсетувате и му дадете шанса да вежба независност и донесување самостојни одлуки кои вклучуваат и последици за неговото однесување. Ваквата независност ќе му овозможи да прави избор помеѓу тоа што мисли дека е исправно и погрешно. Многу е важно да разговарате и да го насочувате на неговите лични последици, однесување и избор, на пример: „Што ќе добијам или изгубам ако нешто направам (учам-не учам).“
Преку разговор да се доживее себеси како поединец и како одговорен за семејната динамика. Во однос на телефонот, морате да поставите правила колку време дневно може да го користи и самодисциплина за користење. Бидете трпеливи и истрајни.
Одговара: Наташа Маџевска, психотерапевт, соработник на „Психотерапика“
е-пошта: nmadzevska@gmail.com psihoterapika@gmail.com
Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.
912