Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Моето дете има 3 години и има епилептични напади. Многу често се разболуваше со висока температура, но сѐ си јадеше најнормално, кога го фати страшен грип. Ни сирупи, ни инјекции, ни инфузии не му помогнаа. Две недели живееше само на лекови. По еден месец му помина вирусот, ама еве два месеца ништо не сака да јаде, одбива секаква храна. Првин ја мириса, а потоа ја одбива. Ве молам за совет.

ОДГОВОР: Не е ретко децата на таа возраст да изгубат апетит како резултат на болест или подолго боледување. Некогаш аверзијата кон храна исчезнува со исчезнувањето на болеста, но некогаш таа останува уште извесно време како резултат на непријатното искуство и трауматизацијата од болеста.

За да бидете сигурни дека отпорот кон храната е психолошки, најпрво треба да проверите дали сите симптоми на болеста се комплетно повлечени. Малите деца знаат да одбиваат храна доколку сѐ уште имаат проблем со болно грло или гребење во грлото, или проблем со некаква бактериска инфекција во носот која му оневозможува целосно да ги почувствува вкусот и аромата на храната. Исто така, честа ситуација по подолго боледување е детето да добие инфекција од кандида албиканс во устата, која настанува како резултат од употребата на посилни лекови и антибиотици. Таа им креира на децата непријатна сензација во устата, особено наутро и по јадење, а најчесто ја опишуваат како пецкање или непријатно чешање на јазикот.

Доколку утврдите дека не постои никаква физичка причина за ова одбивање на храната, тогаш можеме да погледнеме во чисто психолошките причинители. Постои една развојна теорија според која како што детето станува поподвижно, така почнува да пројавува одредена сомничавост кон храната или одредени видови храна. Ова се смета дека е на некој начин остаток од еден вроден механизам кој го штити детето да не се отруе од нештата со кои доаѓа во допир во периодот кога почнува да прави поголемо истражување на околината. Сосема е возможно вашето дете да одбива храна бидејќи на некој начин му останала негативна асоцијација помеѓу храната и искуството на болеста. Важно е да бидете многу трпеливи во процесот на повторно доближување на храната до него и да не го форсирате премногу брзо, бидејќи на тој начин ризикувате да предизвикате несакана реакција која уште повеќе ќе го засили неговиот отпор кон храната.

Напишавте дека вашето дете одбива секаква храна веќе два месеца. Тоа ме наведува да помислам дека веќе два месеца вашето дете воопшто не вкусило никаква храна, што е невозможно бидејќи тоа не би можело да издржи два месеца комплетно без храна. Значи, сепак, јаде нешто. Важно е да бидете свесни за тоа кон која храна вашето дете е поотворено да ја прима и да се обидете да ја збогатите и да ја направите што понутритивна за него. Обидете се во рамките на таа храна да додадете и некои други намирници кои постепено ќе ги маскирате. Нека бидат тоа намирници со висока нутритивна вредност, богати со витамини, минерали, природни шеќери, протеини и растителни влакна. Во ваквите случаи кога детето одбива да јаде, квалитетот на храната е многу поважен од квантитетот. Друг трик преку кој можете да воведете повеќе нутритивни продукти е истите да му ги понудите во течна форма, на пример, преку бистра супа, смути или свежо исцеден сок.
Како детето постепено ќе почне да јаде, воведете и друг трик.

Направете договор со него на почеток барем еден од оброците, на пример, ручекот, да биде по правилото „родителите што- дедето колку“, односно вие да изберете што ќе се јаде (не само намирници кои тоа сака да ги јаде), а детето избира колку ќе изеде. Притоа, неопходно е да изеде барем половина од тоа што му е во чинијата за ручек, за да се стекне со правото за вечера тоа самото да избира што ќе јаде.

Одговара: Ивана Маринчек, лиценциран психолог и психотерапевт, практичар по игровна терапија во „Психотерапика“
е-пошта: ivana.marinchek@gmail.com/ psihoterapika@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X