Видеото го објави сведок на настанот

Откако вчеравечер на социјалните мрежи беше споделено видео на кое се гледа како маж тепал мало дете на кое му бил очув, од денеска привремено им се одземени децата на родителите, информираат за Деца.мк од Министерството за труд и социјална политика. Реагирал Центарот за социјални работи во Свети Николе. Семејството има 2 деца, а мажот е очув на едното, а татко на другото.

Видеото предизвика бурни реакции, но за брзо време беше отстрането од социјалните мрежи, согласно нивната политика за објавување. Го објави сведок на настанот.

– Во врска со случајот со видеото што се ширеше на социјалните мрежи ве информираме дека Центарот за социјални работи во Свети Николе веднаш постапи по случајот. Врз основа на сознанија за груба злоупотреба и занемарување на децата од страна на родителите, а во најдобар интерес на децата, ЦСР Свети Николе донесе решение со кое привремено им ги одзеде двете деца на семејството – информираат во МТСП.

Согласно законската процедура, појаснуваат оттаму, назначен им е старател – службено лице и тие се соодветно згрижени.
– Ќе биде поведена постапка за одземање на родителското право поради груба злоупотреба и занемарување на родителското право, а за таткото (очувот) – предлог за изрекување привремени мерки за заштита од семејно насилство – додаваат во МТСП.

Во првата детска амбасада „Меѓаши“ за случајот велат дека утрово стапиле во контакт со Центарот за социјални работи.
– Оттаму нè информираа дека се известени за случајот, знаат за кое семејство се работи и ќе одат на увид. Ние како организација немаме законско право да одиме во семејството, туку тоа е одговорност на државните институции – велат од „Меѓаши“.



912

X