По неколку дена откако заменик-министерот за образование Петар Атанасов најави дека наставниците со над дваесетгодишно искуство ќе бидат на часовите со нивните помлади колеги и ќе им укажуваат како се предава и како се учат ученици, не стивнуваат реакциите на просветните работници

Најавените измени за тоа како ќе функционираат часовите на кои помладите наставници директно ќе учат од повозрасните колеги како се предава предизвикаа многубројни реакции меѓу наставничката фела на социјалните мрежи. Новиот образовен пристап некои од наставниците го поддржуваат и го оценуваат како одличен, други предупредуваат дека ова е експеримент во кој само ќе се испокараат наставниците за минимално покачување на платата, а трети, пак, предлагаат како да се изведе сево ова и да има правилна селекција на квалитетните наставници.

По неколку дена откако заменик-министерот за образование Петар Атанасов најави дека наставниците со над дваесетгодишно искуство ќе бидат на часовите со нивните помлади колеги и ќе им укажуваат како се предава и како се учат ученици, не стивнуваат реакциите на просветните работници.

Како ќе се направи правилен избор на „наставници ментори“?

Некои практичари се сомневаат дека може да се направи објективен избор на наставници кои би им биле пример на помладите колеги.
– Во подрачните училишта се среќаваат поквалитетни наставници. Годините искуство не се репер за квалитет, затоа направете анкети, земете луѓе што целосно ѝ се посветуваат на професијата и предложете ги како солиден пример и наградете ги без да менторираат. Но, како што стојат работите кај нас, не верувам дека би се направил правилен избор на „пример наставници“, коментира наставничка на „Фејсбук“, членка на Здружението на просветни работници.
Атанасов рече дека сè уште нема одлука, но дека се размислува наставниците-ментори да се стимулираат и наградат со 10 отсто повисока плата. На ова некои наставници реагираа дека на овој начин ќе се испокараат наставниците за минимално покачување.

Наставници реагираат дека реформи се почнуваат од опашката наместо од главата.
„Нека одат две години на часови студентите, на пракса, наместо да учат само теорија. Тогаш ќе имаме квалитетни наставници. Ова е повторно експеримент во кој ќе ги испокарате наставниците за 2.000 денари мизерно покачување на менторите. Ова е системско прашање кое треба да започне од факултетите, програмите, бројот на часови, учебниците, инфраструктурата на училиштата. Се упропастуваат генерации, а ние сме тргнале од опашката наместо од главата со промените. Ајде и ова ќе го видиме“, реагира друг наставник.

Подобрувања ако правилно се спроведе

Од друга страна, има наставници што сметаат дека тоа што поискусните колеги ќе ги подучуваат помладите ќе го подобри квалитетот на наставата.
„Овие измени веќе одамна функционираат во некои земји во Западна Европа и таму дале резултати. Мислам дека и кај нас ќе донесат подобрувања. Ако ништо друго, потешко ќе им биде на некои наставници да ‘бегаат од часови‚ или да седат на час и кој што сака да прави“, смета еден наставник.
Негова колешка е со став дека моделот е одличен, но прашање е кој кого ќе контролира, дали неработникот – работникот.
„Неработниците успеваат да се испикаат секаде затоа што имаат време за тоа. Да проверите по тетратките, дневните, месечните и годишните планови и електронскиот и пишаниот дневник, кај нив сè е под конец, за разлика од останатите што се отепале од работа. Сепак, ако се работи според критериуми, јас сум за оваа новина“, вели наставничката.
Други коментари одат во насока на тоа дека целта на оваа новина е да се згрижат партиските кадри и тоа за поголема плата.
„Оној што сакал да научи, можел и може. Кога кадарот би се селектирал по кои било други основи и вредности, а не само по партиската подобност и врски, сè би било поинаку. Чест на оној мал дел просветни работници што си ја сакаат професијата и навистина се трудат да пренесат знаење. Со вакви мерки уште долго ќе имаме уништени и неписмени генерации“, вели наставничка.
Во меѓувреме, педагозите – универзитетски професори кои ги контактиравме, не сакаат да ја коментираат новината затоа што не знаат детали во врска со тоа како би се спровела и по кои критериуми би се одбирале квалитетните наставници.



912

X