Со доаѓањето на студените и врнежливи денови сите се повлекуваме во топлината на нашите домови и претпочитаме да го поминуваме времето опуштајќи се со омилената книга или серија, а физичките активности да ги сведеме на минимум. Сепак, токму ваквите денови, особено кога се континуирани, се вистинска болка за нашите најмлади, на кои најважен им е неограничениот простор за непречена игра и забава. Долготрајниот престој во мал и затворен простор како стан не само што ги ограничува децата да играат, туку и ги поттикнува да седат и да посегнат по електронските уреди, кои имаат прилично неповолно влијание врз нивното здравје и развој.
Токму затоа, во зимските месеци на децата треба да им се понуди можност за некои различни активности со кои ќе го вежбаат целото тело и истовремено ќе се забавуваат. Една таква активност која се покажала како многу корисна за развојот на децата од сите возрасти е – пливањето. Се разбира, во затворени и загреани базени. Ова го потврдува д-р Џована Армано, специјалист по педијатрија.
-Пливањето е активност која е исклучително корисна за развојот на децата од најрана возраст и во лето и во зима. Секако во придружба на родители или обучени тренери е исклучително забавна и корисна. Тогаш на децата им се дава можност да научат да пливаат, што позитивно влијае врз развојот на нивните моторни и сетилни вештини. Покрај физичкиот аспект, важен е и социјалниот аспект, бидејќи децата поминуваат време со своите врсници во активности наменети само за нив, а играат и се забавуваат, што за нив е најважно – објаснува педијатарот Џована Армано.
912