Натпреварот на Австралија опен помеѓу Италијанците Јаник Синер и Лучјано Дардери беше накратко прекинат поради неочекувана пречка. Додека Дардери се подготвувал да сервира, бил прекинат од гласен плач на бебе. Арената „Маргарет Корт“ претходно била тивка.
Дардери ја удирал топката по подот неколку пати, ја фрлил нагоре за сервис, но морал да се откаже и да ја фати кога бебето повторно заплакало. Тој погледнал кон трибините, видливо изненаден, сцена што предизвикала смеа и аплауз од навивачите.
Дебата на социјалните медиуми
Видеото од моментот собрало повеќе од два милиони прегледи и го покренало прашањето дали е во ред да се носат бебиња и мали деца на тениски натпревари, каде што се очекува тишина за време на поените.

фотоизвор: YouTube screenshot
Многумина велат дека на малите деца не им е место на трибините.
„Но, зошто би донеле бебе на тениски натпревар?“, „Не носете бебиња или мали деца на гренд слем турнирите – тие дури и нема да се сетат на искуството“, „Непопуларно мислење: на бебињата не треба да им биде дозволено да одат на тениски натпревари“, се вели во коментарите по социјалните мрежи.
Други, сепак, се фокусирале на играчите, прашувајќи се како нешто вакво може толку многу да ги исфрли од нивната игра.
Кои се официјалните правила?
Според правилата на Австралија опен, на децата и бебињата им е дозволено да присуствуваат на натпреварите. Влезот е бесплатен за деца под две години ако не зафаќаат седиште, но доказ за возраст мора да се покаже при влез.
-Децата на возраст од 2 години и помлади на денот кога присуствуваат на АО (не денот кога го купуваат билетот) можат да влезат бесплатно, под услов да не зафаќаат резервирано седиште – се наведува на официјалната веб-страница на турнир.
Постојат билети за деца на возраст од 3 до 11 години, како и младински билети за тинејџери на возраст од 12 до 17 години. Правилата за публиката подразбираат навивачите да бидат тивки за време на играта и помеѓу првиот и вториот сервис, а непочитувањето може да резултира со отстранување од трибините поради непристојно однесување.
Организаторите велат дека Австралија опен е за сите
И покрај правилата за бучава, од „Тенис Австралија“ истакнале дека дури и најмладите навивачи се добредојдени.
-Австралија опен е гренд слем турнир кој е отворен за сите, вклучувајќи ги и бебињата и децата. Ги молиме навивачите да покажат почитување кон играчите и да ги следат упатствата на судиите – истакнал портпаролот.