Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!
ПРАШАЊЕ: Имам ќерка на 3-годишна возраст. Одеше во градинка до почетокот на пандемијата и тогаш имаше некој ред на спиење и јадење. Откако остана дома, сè ѝ се изгуби, почна повеќе да не преспива преку ден, навечер да заспива доцна и да спие многу малку, околу 7 часа (мое мислење е дека тоа е многу малку) и почна да не јаде. По некое време дури почна и да си замислува другарче дека постојано е тука. Бараше да тргне во градинка и ја пуштивме. Првите 2-3 дена беше супер, само проблем ни беше станувањето, но сега неколку дена ни прави проблем кога ќе ѝ ја споменам градинката, вика гласно дека не сака да оди во градинка, а ако ја праша некој друг, кажува дека ѝ е убаво, дека има другарчиња и дека си игра, а кога ќе ја земам од градинка, плаче зашто ќе си оди дома, кажува дека сака уште да седи таму. Како да постапам во моментов?
ОДГОВОР: Ова однесување е последица на изолацијата од ковид-состојбата. Стравот од непознато влијае и врз децата и врз возрасните. Децата се обидуваат да ги поместуваат границите на родителите, а секако и во состојба на изолација и непознато и родителите се попустливи. Вие сте отстапиле од ритамот на станување, јадење, играње и сигурно на почетокот имало причина. Дружењето со други луѓе и врсници било намалено заради заштита за целокупното здравје на вашето семејство.
На оваа возраст децата често се плашат да не пропуштат нешто, па го одбиваат попладневниот одмор. Многу е важно попладневното преспивање да не биде подоцна во денот за потоа децата да немаат проблем со заспивањето навечер. Околу исхраната корисно е детето да биде вклучено во процесот на набавка и подготовка на јадењето. Да му се овозможи искуство на заедничко поставување на масата и раскревање по јадењето. Ова е процес и бара време, а вашата ќерка ќе биде горда на својата улога и соработка со вас. Ваквото искуство им носи радост на децата и јадењето сами ќе го изедат бидејќи учествувале во процесот.
По долг период дома, повторното одење во градинка е како на почеток. На вашето дете му треба период на адаптација на рано будење и повторно навикнување на ритамот на активности. На почетокот децата треба да се оставаат со пократок престој и со време престојот да се зголемува. Наутро да ѝ дозволувате да си земе некоја омилена играчка, да ѝ дозволите да ја одбира сама облеката во согласност со временските услови, по пат до градинка да разговарате што активности ја очекуваат во текот на денот.
Предвидливоста на денот на децата им дава сигурност и доверба во вас и во учителките кои се грижат за нив. Збогувањето во градинка е добро да биде кратко, опуштено, весело и со поддршка. Ако таа ја почувствува вашата сигурност и одлука за останување во градинка, ќе се чувствува сигурно и задоволно. По враќањето од градинка разговарајте со неа за поминатиот ден, покажете интерес за тоа што го доживеала, за нејзините другарчиња, што сака и не сака во градинката. Ве замолувам да не ја прекорувате како се однесува наутро, а како не сака да си оди потоа, кога ќе дојдете да ја земете.
Во овој период на повторно адаптирање во градинка важно е да бидете упорни, трпеливи и редовни во одењето во градинка. Многу е важно да се советувате со учителките и успешно да се надмине повторното тргнување во градинка. Ова е минлива фаза по која градинката станува место за радост, игра и учење.
Одговара: Наташа Маџевска, психотерапевт, соработник на „Психотерапика“
е-пошта: nmadzevska@gmail.com psihoterapika@gmail.com
Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.
912