Татко на едно девојче преку писма ја подготвува за суровиот и површен свет на реклами, потсетувајќи ја дека е убава.

Татко на четиригодишно девојче ѝ пишува писма кои планира да ѝ ги прочита еден ден, кога за тоа ќе дојде време, но им пишува и на сите жени што сакаат да ги слушнат зборовите на еден татко…

Тој потсетува дека никој не може и не смее да ја дефинира вистинската убавина на жената, но дека многумина ќе се обидат да го направат тоа.

Свесен за вистинската и природна убавина на секоја жена, тој не сака неговата ќерка еден ден да си го маскира лицето и да го промени изгледот бидејќи другите ѝ рекле дека тоа е неопходно. Затоа напорно работи таа да не се потчини на типичната слика на жена што ја нудат медиумите и иако смета дека го чека голема работа, верува дека ќе успее.

Еве го неговото писмо:

„Драга малечка,

Додека го пишувам ова, седам во одделот за шминка во локална продавница. Неодамна еден пријател ми испрати порака додека бил на слично место и ми рече дека се чувствувал како да е на едно од најсуровите места на земјата. Затоа сакав да се обидам да разберам зошто е тоа така. И сега, додека седам овде, почнувам да се согласувам со него. Зборовите имаат моќ, а зборовите што ги гледам на полиците за шминка се многу моќни.

Но, зборовите имаат моќ и, можеби, само можеби, зборовите на таткото можат да се натпреваруваат со зборовите на светот. Можеби зборовите на таткото можат да ѝ помогнат на девојката да ја претвори шлаканицата од институционализираниот срам во стабилно чувство на самопочит и убавина.

Зборовите на таткото не се други зборови, но имаат поинакво значење:

Прекрасна моќ. Нека твојата сила не биде во твоите нокти, туку во твоето срце. Разбери која си, а потоа ќе можеш успешно да го пробиеш својот пат низ животот.

Избери го твојот сон. Но, не дозволувај тој сон да дојде од полица за шминка. Најди мирно место во себе и засади вистински соништа таму. Дознај што сакаш на овој свет и кога ќе одбереш – продолжи кон тоа, со интегритет и надеж.

Светот сака да се разголиш. Меѓутоа, ти извади ги ракавиците. Кажи што ти е на ум. Биди ранлива. Преземи ризик. Сакај ги сите што и самите едвај знаат што е љубов. Прави го тоа соголено. Отворено.

Безгрешно. Секогаш биди свесна за една работа – безгрешноста не постои. Тоа е илузија создадена од луѓе кои се заинтересирани за твојот паричник. Ако одлучиш да се стремиш кон совршенство, биди непрекинато благодарна за тоа што си и за сите околу тебе.

Пркоси им на годините. Кожата ќе ти се збрчка и младоста ќе ти избледи, но твојата душа ќе остане вечно млада. Секогаш ќе знае да игра, да ужива и да полудува во овој живот, каде што имаме само една шанса. Пркоси му на стареењето на твојот дух.

Малечка, сакаш сѐ што е розово и украсено и сигурен сум дека еден ден и самата ќе сфатиш дали шминката е навистина важна. Сепак, се молам еден збор да ти стане важен – последниот збор што ќе го кажеш пред спиење, кога ќе те прашам каде си најубава. Збор толку светол што ниту еден коректор не може да го покрие.

Каде си најубава?
Внатре.

Од моето срце до твоето,
Тато“.

Автор: Тамара Сорак

Извор



912

X