Игротека

Писмо од една баба до внуката: „Не плаши се од првиот бакнеж, сите жени во нашето семејство одлично се бакнуваат“

„Драга моја, ова писмо можев да го напишам пред четврт век, за твојата мајка… Но тогаш имав дваесет и пет години и се грижев за други прашања: како да го прехраниме семејството, дали ќе успеам да го однесам детето во градинка и да стигнам на предавање.

Твојот дедо работеше ноќна смена и не можеше да ми се најде кога твојата мајка по цела ноќ плачеше поради честите детски болести. Сега имам педесет години и малку повеќе искуство кое би сакала да го споделам со тебе. Не тврдам дека знам сè за животот, но на крајот на краиштата јас сум ти баба и сакам да бидеш среќна. А овие совети нема да ти пречат во тоа!

Не плаши се дека ќе паднеш

Лулај се, лизгај се, вози велосипед, ролерки и не плаши се дека ќе паднеш. Ќе боли, но воедно ќе научиш да бидеш брза и да станеш кога ти се плаче.

Не плаши се да покажеш став

Не е твоја обврска да молчиш ако нешто не ти се допаѓа или не се согласуваш со тоа. Не криј го своето мислење ниту поради другарство ниту поради љубовта. Ако не чујат што имаш да кажеш или бараат да бидеш лојална – тргни се од таквото другарство и таквата љубов.

Не срами се да се извиниш

Само храбрите девојки знаат да се извинат и да ги согледаат своите грешки, а јас баш би сакала ти да бидеш таква. Не е лесно да се каже: „Извини, не бев во право. Како може да ја поправам ситуацијата?“ Но, тоа треба да се научи, а кога ќе го научиш, никој нема да те победи.

Не плаши се да добиеш лоша оценка

Единицата воопшто не е страшна работа. Единицата ти укажува на слабите точки и ти кажува на што треба да поработиш. Послабата оценка не значи дека си глупава. Тоа ти е е само мотивација за работа.

Не плаши се од тоа дека нема да си популарна

Додека сите популарни шмизли одат по журки, губат време по разни сокаци, со денови седат на интернет прикачувајќи фотографии, ти ќе го совладаш, да речеме, стрелаштвото, јавањето, пеењето и сл. На 18 години тие популарни и понатаму ќе седат пред компјутер, а ти веќе ќе го освојуваш светот и можеби ќе тргнеш на пат околу светот.

Не плаши се на другите да им бидеш „чудна“

Од тоа не се плаши ни твојата баба.

Не плаши се да се вљубиш

Заљубувањето еднаш ќе дојде. А ти радувај се што си пораснала.

Не плаши се од првиот бакнеж

Верувај ѝ на баба дека тоа е чудесно! Не плаши се, сите жени во нашето семејство се бакнуваат одлично – тоа ни е во крвта.

Не плаши се да се омажиш или да не се омажиш

Кога ќе пораснеш, никого не треба да го интересира дали имаш бурма на раката или не. Но, ако си одлучила дека бракот и семејниот живот се за тебе, настојувај да го запознаеш човекот на својот живот и тогаш сè ќе биде добро. Нема да те нервираат дури и расфрланите чорапи по целата куќа. Покрај тоа, тука ќе биде некој што ќе те масира, ќе имаш некој со кого ќе го шеташ кучето…

Не плаши се од породувањето

Нема да те лажам – боли. Но тоа е најубавото нешто што може да ѝ се случи на една жена.

Не плаши се од разводот

Во животот се случуваат секакви работи. Најважно е да не очајуваш и да не се повлекуваш во себе. Разводот не е крај на животот. Тоа е почеток на нешто ново, и најверојатно, поинтересно и подобро.

Не плаши се од самотијата

Понекогаш е корисно да се биде сам. Може дури и да се ужива во самотијата. Само, тоа во случајот на нашето семејство не трае долго.

Не плаши се да заплачеш

Храбрите ги одбираат солзите. Јас сум храбра и го правам она што го сакам: ако сакам – плачам, ако сакам – се смеам, ако сакам – расфрлам чорапи по цела куќа.

Не плаши се да пробаш нешто ново

Не мисли на тоа колку години имаш и што ќе речат другите. Земај го најдоброто од животот и не е важно колку е неразумно тоа што го сакаш.

Не плаши се од стареењето

Со текот на годините ќе почнеш повеќе да го цениш животот и уште повеќе да ги сакаш најблиските. А потоа можеби и ќе им напишеш писмо на своите внуци.

Не плаши се од заминувањето на најблиските

Долго се двоумев дали да ти го напишам ова. Но губењето е неизбежно. Блиските луѓе заминуваат – но љубовта останува…

Те сака твојата баба“.

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top