Воспитување

Писмо од дете во време на изолација: Драга мамо, еве зошто го сакам нашето семејство

„Можеби имам само 4 години, но знам што е навистина важно. Знам дека најважното нешто сме ние – нашето семејство. Нашиот круг. Нашата љубов“.

Мамо,

Зошто извика „Тоа е скапоцено!“ кога го извлеков последниот дел од тоалетната хартија и го фрлив во веце-школката? Само сакав да направам двоглед со хартиениот дел од ролната и од другата што ја најдов во кутијата за рециклирање.

Смири се. Господе!

Многу ми е убаво што заедно правиме многу забавни активности сега кога сме дома. Но, има многу нешта што ги сакам во ова време. Еве на што мислам…

Нема брзање

Утрово ти и тато ме галевте во кревет толку многу, што моето меше почна да испраќа знаци за глад – „Гладен сум!“ Потоа ми свари јајце за појадок и нацрта смешко на лушпата. Омилено ми е. Го излупив за да го најдам моето бебе јајце внатре, но ти не рече: „Побрзај! Ќе задоцниме“, како што имаш обичај. Не стоеше на нозе за да го изедеш твојот дел, додека истовремено правиш сендвичи, проверувајќи нешто на својот телефон и довикувајќи го мојот брат да ги „измие забите и да ги облече чевлите“. Не. Наместо тоа, седеше до мене со твојот сад со мусли и јадевме, заедно. Дури и ми дозволи да ги изберам парчињата кајсија – вкуснооо.

Беше убаво, како многу работи во овој период…

Моето семејство

Мамо, сега си дома и работиш на компјутерот наместо да одиш на работа. Овде си. Со нас. Секој ден. Јас сум дома исто така. Не одам во градинка. Сите мои другарчиња наполнија 4 години (олку прсти). Тажен сум за сите роденденски торти што ќе ги пропуштам, но ги правиме дома, па сум ОК.

Мојот брат, исто така, не оди на училиште. Не она каде што игра ракомет со пријателите пред да ѕвони ѕвончето, но како и да е. Сега учи од дома со тато, кој веќе нема работа. Но, мене тоа ми се допаѓа. Повеќе јавање коњчиња за мене. Само ние сме. Моето семејство.

Не биди тажна

Кога престанавме да одиме на училиште, во градинка, во игротеки и секаде, ти стана тажна. Изгледаше како јас кога не можам да го најдам ќебенцето – загрижено. Еднаш те видов дека плачеш во кујната. Ме прегрна силно, како што правеше секој ден кога ме земаше од градинка. Но, тоа не беше крај на денот. Беше средина на денот! Уште го немав изедено сендвичот за ручек. Ги избришав твоите солзи со моите дебели прстиња и ти ми рече, како и секогаш, дека ме сакаш „повеќе од што било“.

Гледаш мамо, не сум тажен како тебе. Воопшто.

Дома е каде што ти е срцето

Сакам да останувам дома и да играм со брат ми, дури иако може да биде супер досаден. Дали знаеш дека кога одевме на училиште тој ми недостигаше? Па, сега си го имам покрај себе. Сакам да цртаме на подот пред гаражата со креда, да градиме мали куќички, да играме криенки и да се бориме кој да го земе големиот камион. Но, мамо, секогаш е мој ред!

Исто така, сакам кога ме бањаш откако ќе ја завршиш твојата работа. Порано беше премногу зафатена за тоа, но сега играме различни игри со моите играчки. А и тато игра со мене. Чудовиштето што скокотка е секој ден тука. Но, зошто тој вели дека му е „потребна пауза“? Јас не сакам никаква пауза од играње!

Слатки бавни денови

Посакувам да не треба да работиш воопшто, убаво ми е кога си дома. Понекогаш добивам едно „здраво“ од твоите пријатели на „Зум“. Сите се смеат кога те влечам за да ти покажам нешто што е поважно, на пр., градината со црви што ја пронајдов. Ја чекам твојата пауза за ручек, кога ќе ме однесеш на прошетка за да гледам мечиња на прозорците кај соседите – тогаш сме само јас и ти – се држиме за раце.

Исто така, уживам што ми дозволувате повеќе да гледам „Пепа Пиг“ и „Блуи“, понекогаш дури и се галиме. Овие „изо денови“, како што ги нарекува тато, се навистина убави, зарем не мислиш така? Нема повеќе брзање. Нема викање (освен „Расчистете го нередов, момци“, тоа го слушам често). Исто така, нема панталони. Можам да седам гол цел ден. Па затоа сакам да знаеш…

Можеби имам 4 години, но знам што е она што е најважно.

Знам дека најважното нешто сме ние – нашето семејство. Нашиот круг. Нашата љубов. Знам дека најдоброто нешто е да бидеме заедно. Мамо и тато, за мене, ова време поминато заедно ми е многу поскапоцено од тоалетната хартија. А знам колку многу сакаш тоалетна хартија.

Со љубов,

Јас.

Автор: Лана Халовис

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top