„Драг некој, кој било, некој што ќе разбере,
Мојата ќерка е прекрасна. Нежна, паметна, има богата имагинација. Но, секогаш е сама. Додека другите деца трчаат заедно во група, мојата Лана стои настрана. Не кани никого дома. На родендени си наоѓа играчки и си игра сама. Кога ќе се обидам да ја мотивирам да им се приклучи на другите, таа уште повеќе се повлекува. Не можам да не се грижам. Што ако е осамена? Што ако страда? Дали јас сум виновна? Ако сум, каде грешам? Не сакам да ја менувам, само сакам да ѝ помогнам да ѝ биде полесно кога ќе дојдат годините кога другарството значи сè“.
Постојат деца што го доживуваат светот поинтензивно и подлабоко. Тие набљудуваат, размислуваат и се обидуваат да разберат. Но тоа не значи дека твоето дете е „родено со грешка“ само затоа што не функционира како повеќето.
Некои деца тешко влегуваат во групни игри, не сакаат да бидат во центарот на вниманието и не ги канат веднаш новите другарчиња дома.
Родителската грижа дека детето страда бидејќи е осамено лесно може да премине во благ притисок: „Оди да си играш“, „Зошто не покани некого?“, „Ајде, сите така прават.“ Но токму тогаш детето може уште повеќе да се затвори во својот свет.
Како да му помогнам на моето дете?
Наместо притисок, колку и да е добронамерен, обиди се да го насочиш детето кон активност во која ќе се чувствува безбедно. Ако сака да црта, пронајди работилница за сликање. Ако сака природа и спорт, нека оди на спорт.
Кога детето е опкружено со теми што му се блиски, со активности во кои ужива и е талентирано, полесно ќе му биде да се изрази, да започне разговор со друго дете и да покаже кое е. Таму, меѓу деца што делат слични интереси и гледишта за светот, може полека да се создаде простор за прво вистинско пријателство.
И најважно, не треба да биде насила, туку со темпо што нему му одговара.
Разговарај со неа. Не во стил на испрашување или интервју бидејќи тогаш детето може да помисли дека нешто не е во ред со него и ќе почне да кажува што мисли дека родителот сака да слушне.

Запомни дека детето сака мама и тато да бидат добро, исто како што родителите сакаат детето да биде добро. Наместо „Зошто пак беше сама?“, прашај: „Со кого ти беше најпријатно денес? Што правевте?“
Слушај го детето.
Понекогаш децата не ги избегнуваат другите затоа што се плашат од нив или затоа што не знаат како да им пријдат, туку затоа што не веруваат дека се доволно интересни, паметни, вешти или вредни за некој да ги избере. Таквото уверување не настанува само од себе.
Најчесто е последица на прекумерна и престрога критика, споредување со друго дете, или едноставно детето немало можност да заблеска, а неговиот труд поминал незабележано.
Добрата вест е дека како што самодовербата може да се наруши, така може и да се изгради. На несигурните деца им се потребни мали, секојдневни докази дека вредат. На пример: „Еј, ми треба твоја помош со сечењето на овошјето, ти тоа го правиш внимателно“. Или: „Би сакала ти да ми ја прочиташ оваа приказна, многу ми се допаѓа твојот убав глас“.
Кога детето ќе види дека неговото мислење се цени и дека неговиот придонес има смисла, ќе почне полека да создава подобра слика за себе и да гради самодоверба.
За крај, запомни дека твоето дете има нешто многу важно: те има тебе.
Дете што има поддршка од семејството има поголема шанса еден ден да каже:
„Немав многу другарчиња кога бев мала, но имав семејство што ме сакаше и секогаш веруваше во мене“.
Не постои совршен родител, ниту родител што никогаш не направил грешка.
Самата твоја желба да го разбереш и да му помогнеш на своето дете е првиот чекор во вистинскиот правец.