Слушај малечок, се надевам дека си доволно стар за да сфатиш некои работи кога ќе го читаш ова. Ако мислиш дека татко ти те срами со оваа објава, прашај ја сестра ти и ќе видиш дека можам да бидам и полош.
Се надевам дека сум колку-толку добар татко, дека те научив да бидеш чесен. Да не бидеш наивен и со свои раце да се бориш и докажуваш. Сакам да ти кажам дека светот е суров, дека луѓето се некогаш полоши од животни. Внимавај каде и да одиш. Кога се смееш, смеј се на цел глас, кога ти е тешко, јави ми се – заедно ќе пребродиме сè.
Но, внимавај, ако мислиш дека тато ќе ти помогне околу сè, се лажеш, мораш нешто и сам да направиш. Можеби звучам сурово, но досега ти здосадив со приказни дека успехот е посладок кога ќе го постигнеш сам. Во никој случај немој да се потпираш на слатките зборови од пријателите, роднините, колегите, бидејќи некогаш тие зборови само така звучат, а зад нив се крие нешто друго. Чувај ја Далила и биди ѝ машка рака кога тато нема да биде во близина.
Слушај ја мајка ти, таа ти го дала животот и секогаш те милувала, и кога беше најголем крадец. Иса, биди подготвен на сè. Никогаш нема да ја заборавам среќата на лицето на твојата сестра кога ѝ кажав дека пристигна. Немој никогаш да дозволиш да биде несреќна поради тебе. Ти си ѝ најубавиот дел од животот. И за тоа што ѝ ја растураш собата, веројатно веќе сум те казнил, немој веќе те молам. Би сакал да ти кажам само уште дека те сакам, таа реченица има толку голема моќ што ќе сруши сè пред себе. Особено кога доаѓа од родителите. Како само знаеш да ме насмееш, налутиш, така знаеш и да ме смириш. Се сеќаваш и колку ти зборував на нашите утрински прошетки. Ах, можеби е подобро да не се сеќаваш. А се смеевме и ќе се смееме.
Би можел до утре да пишувам, но веројатно досега повеќе пати сум ти го испрал мозокот.
Чувај се, биди паметен, биди подобар од мене, биди силен, биди сè што сакаш да бидеш. Мојот грб и рамена секогаш ќе ги имаш. И не грижи се, нема да те разочарам, ниту ќе те прекажам на мајка ти. Биди мој пријател, биди жив и здрав. Среќен роденден, сине. Те сака твојот татко.
Автор: Мухамед Мизиќ