Мои драги ќерки,
Утре се враќам на работа и ќе ми биде навистина тешко. Се надевам дека мене ми е потешко отколку вам. Неделите дојдоа и си заминаа побрзо отколку што се надевав. Мислев дека враќањето на работа по второто дете ќе биде полесно, но, сепак, е потешко.
Бебе број два, не само што уживав во твоите гушкања, туку и бебе број еден, поминавме посебно време што ми недостигаше толку многу. Бидејќи ова е мое второ дете, сега сфаќам уште повеќе колку времето лета и дека никогаш нема да си ги вратам овие слатки моменти.
Утре се враќам на работа, но продолжувам да размислувам за сите работи што луѓето ми ги велат за да ме утешат.
Луѓето велат дека ќе се угледувате на мене и ќе научите да ја цените напорната работа.
Луѓето велат дека би било добро да поминам некое време оддалечена од вас и дека со тоа нашето поминато време ќе биде уште попосебно.
Луѓето велат дека повеќето мајки денес треба да работат.
Луѓето велат дека нема да се сеќавате на ова и ќе бидете добро додека сум на работа.
Можеби овие работи се вистинити, но не ја прават ситуацијата полесна. Секако, сакам да се угледате на мене и да ги видите страста и љубовта за мојата работа, но се надевам дека никогаш нема да помислите дека работата ја ставам на прво место наместо вас.
Како помошник-директор во средно училиште, имам 600 други „деца“ за кои треба да се грижам, и го обожавам тоа, но се грижам за она што ќе го изгубам и што ќе го пропуштам додека не сум со вас. Дали вашиот татко и јас можеме да живееме со една плата? Можеби. Но и тоа има цена.
Утре се враќам на работа и сфаќам дека имам повеќе среќа од повеќето луѓе.
Среќна сум поради смената на мојот сопруг – ќе поминете неколку дена во текот на неделата со вашиот татко и ќе имате посебни моменти со него. Среќна сум што е толку прекрасен татко и партнер кој ме поддржува во кариерата.
Среќна сум што имам некој на кого му верувам кога станува збор за децата. Среќна сум што имам членови од семејството кои ми помагаат кога и да ми е потребна помош.
Среќна сум што ја сакам работата и што работам во училиште во кое мојот шеф и колегите ме сакаат и сфаќаат дека моето семејство доаѓа на прво место.
И двете сте благословени што имате толку многу луѓе што се грижат за вас, така што знам дека кога не можам да сум со вас, некој добро се грижи за вас. Сепак, посакувам тоа да бев јас.
Утре се враќам на работа и има неколку работи што сакам да ви ги ветам.
Сакам да ви ветам дека во текот на времето што ќе го поминуваме заедно ќе го имате моето целосно внимание. Ќе дадам сè од себе да се исклучам од работата, да го оставам телефонот и да се фокусирам на вас. Ќе правиме забавни нешта или само ќе се релаксираме во пижами и ќе гледаме филмови. Но, што и да одлучиме да правиме во текот на нашите заеднички моменти, ќе дадам сè од себе да бидам присутна. И двете го заслужувате тоа.
Утре се враќам на работа и продолжувам да се надевам дека до моментот кога вие ќе имате деца, нашата земја ќе сфати дека 12 недели не се доволни.
Жалам што не можам да поминам повеќе време со вас, но треба да знаете дека и покрај тоа што сме разделени, ве сакам. Треба да знаете дека работам напорно за да ви овозможам работи. Треба да знаете дека кога се враќам дома, се откажувам од сите други улоги за да бидам мама бидејќи без оглед на сè, вие секогаш ќе ми бидете приоритет.
Ве сака,
Мама.
Автор: Даниел Ричи
912