Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Имам син од 3,5 години. Последниот месец има периоди кога е нервозен и нонстоп писка, цвика и се удира по глава ако нешто не е по негово или ако му викнам. Се обидувам преку разговор да му укажам дека не треба така, но тој пак си тера по свое. Се обидов и со карање, но пак безуспешно. Кога го карам, тој посилно вика. Инаку е весело дете, си зборува нормално, разговара со нас, извршува задачи ако му зададеш. По препорака на педијатар пие Б6. Како да се справам со него?

ОДГОВОР: Децата на 3,5-годишна возраст се борат за своето независно јас негодувајќи и борејќи се со возрасните кои се авторитет за него и му поставуваат правила и граници во однесувањето, односно што може, а што не може да се прави.

Начинот на кој го правите сето тоа понекогаш за детето е неприфатлив и манифестира однесување како врескање и удирање по глава, кое пак во себе крие емоција на лутина или страв, но неговиот личносен систем не може да ја препознае и соодветно да реагира на неа. Време е да почнете отворено да разговарате за емоциите и на дневна база повеќе да зборувате за нив отколку за однесувањето.

Колку побргу научи да ги препознава и именува, толку порано ќе успеете преку воспитанието да му покажете вештини за самоконтрола и канализирање на емоциите. Ви препорачувам да почнете паралелно да ги работите интерактивните прирачници за емоции кај деца каде што ќе најдете приказни и вежби кои имаат стимулативен, воспитен и терапевтски карактер во јакнење на емоционалната интелигенција кај децата.

Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Хармоничен свет”

е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X