Марија Десподова, психолог, едукатор

Марија Десподова, психолог, едукатор

е-пошта: marijadespodova@gmail.com

Повеќе од авторот

„Пишувањето е слика на душата“, Волтер

Навраќајќи се и сеќавајќи се на детството, не може да не се насмевнеме кога ќе помислиме на книгите и лектирите што сме ги прочитале, особено „Зоки Поки“, „Maлиот принц“,„Kaсни-порасни“,„Доктор Офболи“ и многу други. Тоа е така затоа што тие се едни од првите наши мисловни патувања, откривања и спознавања.

Приказните имаат значајно влијание врз развојот. Особено нивната придобивка е во делот на зголемување на самодовербата. Приказните им помагаат на децата да патуваат во светот, да ги спознаваат другите култури, им носат свесност за различностите што постојат во поглед на многубројните јазици, носењето различна облека, различната традиционална исхрана, видовите живеалишта, расата, културата.

Приказните претставени во книгите се есенцијални за секое дете, а со текот на неговото растење се зголемува и нивната комплексност. Преку нив учат за формите, големините, просторот, боите, броевите, имињата на објектите. Но, исто така, приказните ги учат децата и на практикување на секојдневните активности, како што се миење заби, грижа за животните, подготвување храна.
Нивната голема придобивка и значајност се согледува во учењето емпатичност, важноста на делење на работите со другите.

Развојот на имагинацијата преку приказните се постигнува со читањето и спознавањето на новите идеи, светови, планети, личности. Приказните им го носат моментот на децата дека не се единствените што поминуваат низ одредени настани или чувствуваат одредени емоции. Од тој дел произлегува прифаќањето на своите чувства и нивно разбирање.

Пишувањето, исто како и читањето приказни, треба да е креативна активност која децата ја практикуваат.

Зошто е важно децата да пишуваат приказни?

Оние деца што практикуваат пишување приказни се подобри во делот на математика, јазици и наука. Се предизвикуваат себеси на креативен начин да доаѓаат до решението на проблемите.

Себеизразувањето е најзначаен момент, како во делот на уметноста така и во делот на пишувањето, затоа што во приказните често знаат да се проектираат себеси. Приказната што ја создаваат е еден сигурен простор каде што се истражуваат себеси, развивајќи ги своите емоционални способности.

Па, ајде да бидеме креативни и да пишуваме!

Предизвик на вашето дете нека биде пишување приказна за броевите, кои ќе бидат креирани и претставени на многу живописен и креативен начин. Секоја бројка покажува одредена активност и се разликуваат една од друга. Предлог-инструкции за оваа активност:

– Напиши приказна за бројот што го избра.
– Кога овој број би можел да зборува, што би ти рекол?
– Кој од броевите е најдобар другар на бројот што го избра? Зошто?
– Избери два броја и напиши за што тие разговараат.
– Кој му е омилениот училиштен предмет на бројот што го избра?
– Кој број е најдобар другар? Зошто го избра токму тој број?
– Кој од овие броеви сметаш дека е број што носи среќа? Зошто токму тој?
– Напиши која песна би им била омилена на секој од броевите.

Важно е да им се даде до знаење дека нема погрешни и точни приказни, и дека имаат целосна слобода во пишувањето.
Доколку сакате да ги споделите вашите приказни, слободно испратете ги на мојата е-адреса. Ќе ми биде задоволство да ги прочитам.
Ви посакувам забавно и креативно искуство со оваа активност!



912

X