Пиперката е едногодишна земјоделска култура, со кренато разгрането стебло во висина од 50 до 80 сантиметри. Листовите се со едноставна градба, јајцевидни, со зашилен врв. Плодот може да биде од различен облик, најчесто конусен или сферичен, големина и боја – од бледожолта, светло и темнозелена, до портокалова и црвена. Мирисот и вкусот на плодот (благ, сладок до лут) зависат од сортата и зрелоста.

Историја

Пиперката е по потекло од Мексико, а чили е називот за неколку видови и сорти кои на територијата на оваа земја се одгледуваат уште од 3000 години пред новата ера. На Колумбо му се припишува заслугата за нејзиното донесување во Европа – каде што долго е одгледувана во градините на аристократите како украсна билка, сè додека не е препознаена нејзината кулинарска вредност. Во 1560 година оваа култура е пренесена на Балканот. Локалното население тогаш ја нарекло пиперка. Оттаму набрзо емигирала во Унгарија, која денес е позната во светот по одгледувањето пиперки. Во Сегедин постои Музеј на пиперката, а на местото Калоча – мештаните секој септември организираат фестивал во нејзина чест, насловен како „Денови на пиперката“. Унгарскиот професор Сент Ѓерѓи дури за откритието на хранливите вредноста на пиперката, поточно за описот и дејствувањето на витаминот Це, во 1937 година добил Нобелова награда. Интересно е дека до средината на 19 век, оваа земјоделска култура, за западниот свет останала речиси непозната.

Енергетска и хранлива вредност

Во 100 грама свеж плод има: 90 отсто вода, 6 грама јаглехидрати, 0,99 грама белковини, 0,3 грама масти и 1,2 грам влакна. Во семките има висока содржина на масло. Исто така, содржи и јаболкова и лимонска киселина, кои ѝ даваат пријатен вкус. Енергетски, пиперката има 20 килокалории во сто грама. Она што пиперката го има во изобилство се витамините и минералите – содржи 4 пати повеќе витамин Це од портокалот. Црвената пиперка е добар извор на витамин Це и бета-каротин, кои ги има дури во 72-172 отсто од препорачаната дневна доза по оброк. Богата е и со витамините А и Б6. Други витамини, и тоа голем број од нив, ги има во помали количини. Од минерали најзастапен е калиумот. Меѓутоа, пиперката со замрзнување го губи овој скапоцен минерал, но и цинкот, витаминот Це, Бе2 и Е. Со скиселувањето во зимскиот период, пиперката губи помал дел од витамините, но доста од нив остануваат за потребите на организмот.

Лековити својства

Освен што изобилува со хранливи вредности, има и лековити својства.

– Најважен е алкалоидот капсаицин, кој е со многу лут вкус, а најмногу го има во внатрешноста на плодот, околу семките. Поттикнува лачење на важни ензими, неопходни за добро варење.
-Пиперката е од голема корист кај атеросклеротичните промени, бидејќи нејзината состојка цитрин влијае врз пропустливоста на капиларите и ги прави поеластични.
-Пиперката го поттикнува и лачењето на дигестивните сокови и така го отвора апетитот и го подобрување варењето.
-Во пиперката има околу 20 различни каротеноиди, кои се природни антиоксиданси и имаат важна улога во заштитата на здравјето.
-Помага и кај забоболки, болки во зглобовите, бронхитис, астма. Во средствата за масажа ги опушта мускулите, а како облога ги намалува болките во нив.
-Низ светот, во различни култури, пиперката се користела и се користи како лековито средство. Јужноамериканските Индијанци ја употребувале против цревни паразити, а северноамериканските – против атеросклероза на мозокот и сенилност. Јапонците ја користат како лек против неплодност, а Индонезијците како афродизијак.

Пиперка на чинија

Може да се јаде свежа, кога е и најхранлива. Истото важи и за различни салати. Добро е да се комбинира пиперка со маслиново масло. Со оглед на тоа дека се работи за намирница од медитеранската кујна, добро оди во комбинација со кромид и лук, тиквички, модар патлиџан и се разбира маслинки. Многубројните јадења со пиперки се всушност голем дел од балканската кујна.

Автор: д-р Ријалда Остојиќ

Извор



912

X