Со звуците на пијаното, виолината и другите музички инструменти и годинава традиционално се одржа еден од многубројните годишни концерти на кои можеше да се слушне успехот на учениците
Каде по основното образование е најголемата дилема за полуматурантите. Најчестиот избор се гимназиските средни училишта, но за оние на кои амбицијата им е мотивација за успех од најрана возраст изборот се стручните и уметнички средни училишта. Државниот музичко-балетски училиштен центар „Илија Николовски-Луј“ во Скопје е едно од нив. Можеби музиката е талент, но на талентот му се неопходни посветеност, едукација и развој низ образовниот систем преку педагози ментори, кои се исклучително важни во насочените средно-образовни системи.
Многу родители посакуваат нивните деца од мали да научат да свират на пијано, виолина, да бидат балерини, но ретко родителската желба станува предизвик за детето.
Професорите од средното музичко училиште велат дека свирењето на пијано веќе одамна не е привилегија на одбраните. Во дваесет и првиот век милиони ја изучуваат вештината и уметноста на свирење на пијано како хоби или како професија. Посочуваат дека врвните мајстори на инструментот ќе кажат дека е најдостапен и најподатлив во почетните нивоа на изучување, а најсложен инструмент за достигнување врвна изведувачка интерпретација.
Музиката – вистинскиот избор за средно образование
Со звуците на пијаното, виолината и другите музички инструменти и годинава традиционално се одржа еден од многубројните годишни концерти на кои може да се слушне успехот на учениците.
Јаков Ангелов е ученик во четврта година, среден оддел виолина, во класата на професорот Ерхан Шукри, а оддел пијано во класата на професорката Ирена Шахова. Вели дека уште на четиригодишна возраст, неговиот прв допир со музиката, неговите први отсвирени тонови беа на пијаното.
– Иако мојата прва и најголема љубов е виолината, пијаното игра голема улога во мојата професионална определба. Не случајно пијаното е задолжителен втор инструмент во речиси сите музички училишта низ светот. Поради таа причина, оваа година имав можност да го отсвирам прекрасниот Прелудиум бр. 4 во Е-мол од Фредерик Шопен. Можам многу да зборувам за пијаното, но не смее да се заборави дека виолината е моја прва љубов – вели Јаков.
Јана Ристеска е ученичка во трета година, оддел за класичен балет, во класата на професорката Маја Митровска-Богоевска, а пијано учи во класата на професорката Викица Костоска-Пенева. Иако нејзин избор е балетот, кој го изучувала и во основното образование, сепак, пијаното е дел од нејзиниот образовен систем.
– Со пијаното првпат се сретнав во прва година во средно училиште и за мене тоа беше нешто ново и возбудливо. Мојата професорка Викица Костоска-Пенева ме води низ светот на музиката и ме поттикнува да истражувам за поврзаноста меѓу пијаното и танцот. Оваа година на завршниот концерт имав можност да ги спојам и двете уметности. Ги отсвирев композициите „Мизет“ во Де-дур од Бах и „Сеќавање на морето“ од Александар Стојанов и настапив со една балетска точка. Свирењето на пијано ми помогна подобро да ја разбирам и да ја доживувам музиката. Сега додека танцувам, чувствувам како секој тон ги буди моите сетила, моето тело, ми помага со леснотија да ги изведам движењата и да разбудам емоции кај публиката – вели Јана.
Професорската улога како мисија за успех
Професорите велат дека има сѐ поголем интерес за изучување на пијаното.
Професорката по пијано Викица Костоска-Пенева вели дека во нејзината долгогодишна работа како наставник по пијано, енергијата и искуството целосно ги насочува кон идејата децата да ја осознаат и засакаат класичната музика и да стекнат дисциплина и посветеност во секојдневното вежбање, кое потоа им овозможува да уживаат во свирењето за себе и пред публика.
– Освен тоа, долгогодишното изучување пијано несомнено претставува ексклузивен бенефит во целокупниот интелектуален развој кај секој што ја има таа привилегија. Но квалитетно изучување пијано не може да се постигне само со вештината на професорот, тоа бара целосна вклученост и на ученикот и барем на еден родител. Кога е постигнат тој баланс, успехот е неодминлив, а придобивките од активното вежбање и свирење на пијано кај децата остануваат за цел живот – вели професорката Костоска-Пенева.
Нејзината колешка Ирена Шахова, исто така професорка по пијано, вели дека професорската улога ја сфаќа како мисија.
– Музиката е најстарата цивилизациска вредност и наследство… А да бидеш професор по музика, особено професор по пијано, само по себе е посебна животна мисија која ние веќе речиси триесет години со најголема љубов и истрајност ја реализираме – вели професорката Шахова.
Врска со пијаното уште од основното образование
На Државниот музичко-балетски училиштен центар „Илија Николовски-Луј“ во Скопје може да се учи пијано уште за време на основното образование и за тоа постои процес на упис на ученици. Албина Идризи е ученичка во 4. одделение, основен оддел пијано, во класа на професорката Викица Костоска-Пенева. Вели дека пијаното веќе три години е нејзино секојдневие.
– Тоа ми ги подари најубавите мигови мене, но и на моите родители, брат ми и школските другарки. Неговите тонови ѝ даваат мир на душата и ме зближуваат со луѓето. Најзаслужна за мотивот и за моите успеси е професорката Викица, најдобрата учителка на светот. Пијаното ми отвори и нови можности за учества на натпревари, но и со песни на детски фестивали во Македонија и во странство – вели Албина.
И Марко Костиќ, ученик во седмо одделение, основен оддел пијано, во класата на професорката Ирена Шахова, смета дека најраното детство е добра основа да се учи пијано.
– Уште од најраното детство ми велеа дека сум музикален. Мислам дека беа во право. Со текот на годините многу ја засакав музиката и пораснав со неа, научив да свирам на клавир и среќен сум по секоја нова отсвирена композиција. Ѝ благодарам на мојата професорка, која ми ги откри возбудата и магијата на овој прекрасен инструмент – вели Марко.
За Ана Камбовска, ученичка во осмо одделение, основен оддел пијано, во класата на професорката Ирана Шахова, свирењето е традиција во нејзиното семејство.
– Љубовта кон музиката ми ја вградија татко ми и мојата драга професорка по пијано. Со текот на времето сфатив дека свирењето ми помага и во други области во животот, полесно да учам и со поголема дисциплина. Свирењето на пијано ме смирува и ми буди најубави емоции кај мене – вели Ана.
Фото: приватна архива
912