Петра Митровиќ има 13 години и богата музичка кариера. Секојдневните вежби, учењето и надградувањето на сопственото знаење резултираа со многу први награди на светски интернационални натпревари. Има настапувано во Њујорк, Париз, Вашингтон, Москва, а вели дека допрва почнува нејзината раскошна кариера
Петра Митровиќ e тринаесетгодишно девојче. Учи во ООУ „Коле Неделковски“ – Скопје во осмо одделение и паралелно следи настава во нижото музичко во ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“ и свири клавир кај проф. д-р Нина Костова. Таа има остварено врвни настапи, има освоено значајни музички награди, но нејзините амбиции не застануваат овде.
Љубовта кон класичната музика ја наследила од татко си, па ни сподели како почнала нејзината приказна со музиката.
– Татко ми многу сака да слуша класична музика. Кога имав пет години, тој пушти на телевизија девојче што свиреше на клавир. Бидејќи бев мала, бев зачудена како може инструментот да испушта музика. Следниот ден им кажав на моите родители дека сакам да свирам, а тие се согласија и ме однесоа кај професорката Нина Костова. Таа ме тестира, рече дека сум музикална, почнав да одам на часови кај неа и така започна музичката приказна – ни изјави Петра.
Целото свое знаење го добила од наставничката Нина Костова, подоцна и од нејзината професорка и менторка Људмила Романова, од кои вели дека има уште многу да учи и да научи.
– Кога наполнив шест години, се запишав во нижото музичко ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“ и тогаш започна моето формално изучување на музиката – дополнува Петра.
Врвни награди и признанија
– Имам освоено прва награда на Интернационален натпревар по пијано „Nouvelles Etoiles“ 4th Edition, Париз, Франција, втора награда на I Интернационален натпревар по пијано „Grand Final Silk Way“ именуван по С. Прокофиев, Русија, во 2021. Исто така, втора награда на VI Интернационален натпревар по пијано „International Music Prospect Competition“, Москва, Русија, 2022. Втора награда: American Protégé International Music Talent во Њујорк 2022. Потоа следуваат прва награда на 7. издание на фестивалот Полихимнија 2022. Во јануари 2023 година втора награда на конкурсот American Classical Young Musician од Вашингтон. Прва награда на 8. издание на меѓународен фестивалот Полихимнија 2023. Прва награда на државен натпревар 2023 во организација на Музички и балетски педагози на Северна Македонија. Повторно Специјална награда за изведба во 2023 Интернационален натпревар „Охрид те сакам” – детално нѐ информира Петра.
Активно учествува на концерти организирани од училиштето
Нејзините достигнувања не завршуваат тука. Има добиено бронзен медал и стипендија за учество на натпреварот Singapore International Music Competition 2023 во Финска. Втора награда на Интернационалниот музички натпревар Nouvelles Etoiles 4th Edition, Париз, Франција, годинава. Второ место на American Protégé International Piano & Strings Competition во Њујорк и втора награда на конкурсот American Classical Young Musician од Вашингтон исто така годинава. Прва награда на International Piano Competition OPUS ARTIS PARIS, Франција 2024.
– Активно учествувам на концерти организирани од училиштето, јавни часови, новогодишни и завршни манифестации и настани организирани од општина Центар, која во 2021, 2022 и 2023 година ми додели стипендија за талентиран ученик од областа на културата.
Би ги издвоила настапите: Marbella International Music Competition во Шпанија во 2019 година, каде што освоив прва награда, златен медал и школарина. Во 2020 година свирев на концертот „Нашите деца свират Бах“ во придружба на „Magical string orchestra“ под диригентската палка на маестро Емин Џијан, каде што го исполнувам делото на Бах – Концерт за пијано и оркестар во F-мол. Свирев на концерт како првонаградена на натпреварот „Nouvelles étoiles competition“ во Париз во 2022.
Настапив на концерт како второнаградена на „American Protégé International Music Talent“ во Њујорк во 2022, во „Карнеги хол“ во Њујорк во 2023 година – дополнува Петра.
Немам освоено ниту една награда со врски
Дневно вежба околу три часа, а за викенд и пред настап се труди повеќе да вежба.
– Вежбам, учам, се надградувам со секојдневно свирење и со помош на мојата професорка Нина Костова и мојот ментор професорката Људмила Романова и, се разбира, слушам многу разни изведби на познати пијанисти. Омилен композитор за изведување ми е Моцарт. Тој имал многу несериозен карактер и весел дух. Неговите композиции се слични, тие се лесни и весели за свирење. Сакам да продолжам со свирење и сакам да ги надминам познатите пијанисти, сакам да бидам подобра од нив и сакам со задоволство да свирам – подвлекува талентираната Петра.
За свој најголем успех го смета фактот што не се откажала и продолжила напорно да свири.
– Најголем успех ми е што цел живот немам освоено ниту една награда со врски и секако најголем и најдраг успех ми е настапот во „Карнеги хол“ во Њујорк. А најсилно ме мотивира љубовта кон музиката, освоените награди, можноста за патување и запознавање многу вљубеници во музиката – дополнува Петра.
Фото: приватна архива
912