Дали се сеќавате како беше кога бевте дете? Постојано следевте инструкции и извршувавте некои наредби. Стани, облечи се, измиј се заби, јади, спакувај ја ужината, облечи се, облечи јакна, оди на училиште, седни, оди на табла, оди на место, јади, пишувај, учи…
Од гледна точка и перспектива на возрасните, не е тешко. Сето тоа се работи што моравме да ги правиме и ние кога бевме деца. Единственото прашање е дали имавме право да бидеме фрустрирани поради тоа? Дали ни беше дозволено понекогаш да не направиме нешто. На несвесно ниво, веројатно да. И ова го прават нашите деца, испраќајќи ни важна порака – ако сакате да ве слушам кога зборувате и да ги следам упатствата, треба да почувствувам дека и вие ме слушате мене.

Експертите велат дека тоа може да се постигне со мала рутина која трае најмалку пет минути, секој ден, што ќе ја подобри способноста за слушање кај децата.
Кога се обидуваме да ги натераме децата да направат нешто и тие нè игнорираат или ја одложуваат задачата додека не го повишиме гласот, тоа може да биде многу фрустрирачко.
Но, да се вратиме на петминутната рутина. Започнува така што за момент ќе се ставите во положбата на детето и ќе го замислите неговиот ден – како го поминува поголемиот дел од своето време слушајќи ги упатствата и наредбите на возрасните околу него.
Експертите за детски развој велат дека ако родителите сакаат да ги натераат нивните деца да слушаат повнимателно, важно е да се воведат кратки, дневни сесии за играње кои се целосно водени од детето од почеток до крај. Ова ќе му даде шанса на детето да се зближи и да си поигра со родителот и ќе биде сигурно дека не го чекаат корекции или упатства кои треба да ги следи.
Роџер Харисон, детски психолог, вели дека оваа практика гради врска помеѓу родителот и детето. Како што оваа врска се зацврстува и рутината постојано се применува, детето ќе стане подобар слушател. Зошто? Па затоа што сега на поинаков начин гледа на тоа што му го кажува родителот и тоа има друга важност.
Затоа, идејата е прилично едноставна. Поминувајте најмалку пет минути, секој ден, во игра со вашето дете во која сите упатства и правила ќе ги одреди детето. Да не го поправате со тоа што ќе речете дека слонот не е розов или дека бројот три не се пишува така. Во тие пет минути задржете ги сите корекции и идеи за себе. Детето дава инструкции, а единствено правило е дека не постои правилен или погрешен начин на игра.