Кога неговиот 5-годишен син признал дека украл едно пакување гуми за џвакање, таткото знаел дека треба да смисли начин на кој ќе го научи на вистинските последици од крадењето во животот. Тој го споделил ова искуство на платформата „Редит“ под наслов „Родителство, смислување додека одиме напред. Издание кражба“.
Овој татко сфатил дека нешто се случува кога неговиот син му понудил една гума за џвакање откако излегле од продавница. „Кога го свртив грбот, тој сигурно само ги зел гумите за џвакање и си излегол“, напишал таткото. „Дознав за ова откако тој почна да џвака и ми понуди и мене гума за џвакање (логика на 5-годишно дете). Па го прашав дали платил за тоа, а тој ми рече – не. Му кажав колку сум горд што ми ја кажува вистината, но разочаран зашто тоа што го направил е крадење“.
Таткото размислил како да го „казни“ синот, па смислил соодветен начин за неговата возраст, за детето да „си ги плати долговите“.
– Сфатив колку чинеле гумите за џвакање и додадов 0,50 долари за казна. Па вкупниот износ беше 2,50 долари. Го натерав да изврши одредени задачи соодветни за негова возраст и му реков дека додека не си ги исплати долговите, нема да има привилегии како гледање ТВ, играње на таблет или играње надвор. Сработи 1,50 долар и потоа му ја соопштив активноста наречена општествена работа. Му кажав дека треба самиот да ја исчисти собата и да ги крене дури и играчките на неговиот брат. Му кажав дека тоа ќе се смета за неговиот последен долар. Па сега ја чисти собата и слушам повремено: – Ах, нема да крадам никогаш повеќе! Ете – детска верзија на вистински животни последици.
Подобро е да научи сега отколку да краде како тинејџер и да се соочува со големи казни, општествена работа и затворски казни. За да го направам ова искуство позитивно ќе почнам да му давам награда за завршување на неговите задачи и ќе почнам да го учам за парите и соодветното менаџирање на финансиите.
Што се однесува до расчистување на сметката со продавницата – откако ќе ги заработи своите пари, ќе оди да се извини. Тато нема да плаќа за неговите грешки“.
Автор: Ана Хлаќа