Забележани се многу случаи на тешки повреди предизвикани од петарди – едно седумгодишно дете останало без делови од прстите, на друго момче му биле ампутирани два прста, а регистриран е и случај на жена која поради петарда целосно оглувела. И покрај апелите, ризичните ситуации се повторуваат.
Повредите од петардите најчесто се на лицето и на дланките, деловите од телото кои се најблиску до петардата.
Важно е да знаете дека денешните петарди се многу посилни отколку порано, што дополнително го зголемува ризикот, а чести се случаите на ампутации. Докторите велат дека гледаат и полесни повреди, но дека се соочуваат и со исклучително сериозни.

Што можат да направат родителите додека да пристигне помош?
Доколку има крвавење, треба да се запре, да се стави ладна облога или стерилна газа, раната да се превие и што е можно побрзо да се побара помош во најблиската здравствена установа, советуваат докторите.
Некои пациенти завршуваат со амбулантско лекување, но некои се хоспитализирани и по две недели. Тоа се валкани рани, ризикот од инфекција е голем, а заздравувањето трае долго.
Апел до родителите
Најмладите пациенти биле на возраст од три или четири години бидејќи постари лица им давале во раце запалена петарда. Затоа пораката на лекарите е јасна: децата да не користат петарди бидејќи последиците се големи, трајни и понекогаш опасни за живот.