Се работи за избор на начин на предавање, учење и оценување. Има концепти за секој од овие делови. Кај нас сите три дела бараат промени и подобрувања. Што и како се предава, како и што се учи и што и како се оценува, вели Атанасов
Законските измени за основното образование што треба да донесат растоварување на обврските на учениците се речиси при крај и многу е голема веројатноста дека ќе се применуваат од следната учебна година, дознаваме од Министерството за образование и наука.
Преоптовареноста на нашите ученици е проблем кој го истакнуваат и родителите, но и наставниците. Децата учат многу обемни материјали, имаат многу домашни задачи, па речиси не им останува слободно време за одмор дури ни за викенд.
Секое дете е важно
Заменик-министерот за образование и наука Петар Атанасов се согласува дека децата се преоптоварени, особено по неколку предмети. Но, потенцира дека домашните задачи не се законска материја, туку повеќе подзаконска.
– За ова се надлежни образовните институции – Бирото за развој на образованието, Државниот испитен центар и другите, но и самите училишта и умеењето на наставниците да иновираат и да им го пренесат ова на учениците. Се работи за избор на начин на предавање, учење и оценување. Има концепти за секој од овие делови. Кај нас сите три дела бараат промени и подобрувања. Што и како се предава, како и што се учи и што и како се оценува – вели Атанасов за Деца.мк.
Законските измени во основното образование со нетрпение ги очекуваат сите. Атанасов вели дека тие ќе бидат во насока да се учи помалку за да се знае повеќе.
– Но со подобрени методи на предавање и учење и следење на светските трендови. Иако малите и големите држави се разликуваат во концептите, ние мора да се трудиме сите измени да одат во правец дека секое дете ни е важно. Со секого треба да работиме и да му ги подобриме знаењето, вештините и компетенциите. Притоа, мора да се балансира теоријата со праксата и компетентноста на учениците – вели Атанасов.
Викенди без домашни бараат родителите
Проблемот со оптовареноста на учениците кога се во прашање и домашните задачи пред извесно време го отвори универзитетската професорка Ана Лазарова-Никовска. Таа ги повика надлежните и Министерството за образование и наука да реагираат до сите училишта и да се ослободат учениците од пишување домашни барем во викенд. Лазарова-Никовска ни објасни дека доколку надлежните се заинтересираат навистина да го решат овој проблем, со задоволство би се вклучила во работна група, како мајка на малолетни деца и професор (педагог).
Таа смета дека попладнињата, вечерите, а особено викендите сите деца треба да ги поминуваат со родителите, со роднини, со другарчиња во неврзани дружења (а не за правење проекти и хамери кои никој не ги гледа, а само едно дете од тимот ги прави), да се надвор од дома, да го читаат и да го цртаат тоа што им се допаѓа.
– На крајот на краиштата, и ништо не правејќи, ете така да имаат време во една точка да си погледаат при крајот на денот, да ги заборават стресовите од школскиот ден, да мечтаат за нивниот иден ден, за животот. Со вакво темпо на претрупување со ретко кога интересни, мотивирачки домашни задачи, секојдневно им го кратиме детството, им ги кастриме крилјата, им ја отапуваме фантазијата, додека дојдат до факултет нема да сакаат книга да видат, сè ќе им е одмилено – ни изјави оваа мајка.
Наставниците да не го узурпираат слободното време на учениците
Примерот со наставникот Гоце Бумбароски од Прилеп, пак, покажува дека ако кај наставниците има волја за поинакво организирање на домашните задачи, децата ќе бидат посреќни, но и поуспешни. Во неговото одделение домашна задача не постои како форма, тој им дава домашна активност.
– Предлагам родителите да разговараат со своите наставници во врска со домашната задача/работа и да изнајдат соодветно решение. За почеток да се сведе на минимум задавањето домашна за време на викендите. Верувајте дека ќе постигнете подобар ефект затоа што учениците се позадоволни, тие сепак се деца на кои им треба слобода и можност да се себедокажат, па домашната не мора да е задолжителна за сите – ни изјави тој.
Инаку, наставниците имаат Упатство за начинот и формата на подготвување, планирање, задавање, реализирање и следење на домашните задачи на учениците во основното образование, изработено од БРО. Во ова упатство се вели дека во рамките на истражувањето ТИМСС 2011 (Trends in International Mathematics and Science Study) дел од добиените резултати се однесуваат и на домашните задачи. Тие покажуваат дека во однос на наставните предмети, најголем процент од нашите ученици најмногу време одвојуваат за домашните обврски по математика, а потоа по физика, хемија, географија и биологија.
Во Упатството исто така се вели дека нема дилеми дали на учениците треба да им се задаваат домашни задачи. Имено, тоа е повеќе од потребно. Предмет на дискусија можат да бидат само некои нивни елементи: содржината, обемот, задавањето, изработувањето, прегледувањето и улогата на семејството.
Во овој документ на наставниците им се препорачува да внимаваат колку просечно време трошат учениците на пишување домашни задачи.
„При задавањето на домашните задачи наставниците секогаш треба да имаат предвид да не го узурпираат слободното време што им е потребно на учениците за релаксација по напорниот ден на училиште“, пишува во Упатството.
912