Воспитување

Пет знаци дека е премногу рано за одвикнување од пелени

Секое дете поминува низ развојните фази на свој начин и со свое темпо: некои почнуваат да одат на 9 месеци, а некои на 16, и сето тоа е нормално. Клучно е да разберете кога вашето дете е подготвено да се одвикне од пелените и никогаш да не го присилувате ако му е прерано.

Еве пет знаци кои може да укажат дека сè уште не е време вашето бебе да се збогува со пелените:

Детето не е љубопитно

Еден од првите знаци дека е премногу рано да се одвикне од пелени е ако детето не покажува ни најмала љубопитност за процесот, дури и кога мама и тато го користат тоалетот. Малите деца почнуваат да покажуваат интерес за навиките за тоалет некаде помеѓу 18 и 24 месеци, но тоа е многу индивидуален процес, па некои покажуваат интерес порано, а некои подоцна. Клучот е да не се брза детето – затоа што сите сме ги симнале пелените, нели?!

Детето покажува отпор

Ако вашето дете упорно одбива да седне на нокшир, ова е важен знак дека не е подготвено да се одвикне од пелените. Детето може да се чувствува несигурно или непријатно со воведувањето нова навика, а прекумерното форсирање може да доведе до негативни искуства и да создаде негативни асоцијации поврзани со нокширот, а со тоа да го продолжи процесот на одвикнување. Доколку детето не е подготвено, тоа ќе го покаже преку својот отпор, па најдобро е да почекате уште малку.

Детето не ги разбира основните упатства

За успешно одвикнување на детето од пелени, мора да ги разбере основните упатства како „Кажи ми кога треба да одиш во тоалет“. Ако вашето дете не ги разбира или не одговори на овие инструкции, одвикнувањето може да биде прерано. Детето треба да може да препознае физички знаци и да комуницира кога треба да оди во тоалет, и да знае како да ги замоли родителите да го однесат во тоалет.

Детето покажува знаци на голем стрес или анксиозност

Ако вашето дете станува раздразливо, плаче или покажува знаци на стрес кога ќе се спомене нокширот, тоа е сигнал дека сè уште не е емотивно подготвено за овој чекор. Одвикнувањето од пелени е голема промена во животот на детето, а присилувањето може да создаде негативни емоции како анксиозност или страв.

Детето минува низ големи животни промени

Ако вашето дете неодамна поминало низ голем стрес или големи животни промени како што се селење, развод на родители, запишување во градинка или раѓање на браќа и сестри, дефинитивно не е најдобро време тогаш да започнете со одвикнување. На децата им треба стабилност и чувство на сигурност за да се справат со секој нов предизвик, а премногу промени во исто време може да бидат многу стресни за нив.

Дополнителен совет: Пред да започнете да го одвикнувате вашето дете од пелени, користете пелени-гаќички одреден преоден период, за да го олесните преминот кон користење нокшир. Побарајте ги оние што обезбедуваат долготрајна заштита од протекување, кои се доволно цврсти за да не паѓаат, а сепак доволно нежни за чувствителната кожа на бебето.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top